Вардар ја продолжи традицијата - четврти триумф по ред против Флензбург

Во првиот домашен натпревар од ЕХФ лигата на шампионите, Вардар 1961 ја оствари и првата победа сезонава во групната фаза триумфирајќи против германски Флензбург со 31-26, што е четврти триумф по ред за „црвено-црните“ против Германците во лигата на шампионите. 

Поминаа месеци откако Вардар 1961 играше домашен натпревар од ЕХФ Лигата на шампионите, па средбата со Флензбург имаше посебно значење за сите во тимот. Традицијата во дуелите со Флензбург беше на наша страна, и сега сакавме да ја продолжиме таа традиција, а истовремено и да ги освоиме првите бодови сезонава. Флензбург беше тим што досега имаше три победи во групната фаза, па затоа и доаѓа во Скопје како фаворит. Но, во Скопје не признаваме фаворити.

Тремата, ако воопшто ја имаше, брзо исчезна. Ни требаа само пет минути за да ги поставиме работите на место. Гостите го отворија натпреварот со водство од 2-0, и чекавме на четири минути пред Тимур Дибиров да постигне два гола во една минута и веќе во 4. минута да израмниме на 4-4. Откако Род беше исклучен на 2 минути продолжи нашата доминација. Марко Вујин и Кристијан Дисингер со два гола по серија му донесоа водство на Вардар 1961 ма 4-2.

Вардар 1961 играше „лесно", со одлична одбрана и напад кој брзо решаваше ситуации, и ја „криеше топката" од противникот, а имавме разиграно многу играчи. Контрата беше „убиствена", бековите прецизни, па дури и играчите кои досега „помалку погодуваа" да се наметнат и да го потврдат квалитетот што го поседуваат.

После 13 минути Иван Чупиќ првпат му донесе водство на Вардар 1961 од „плус 3" за водство од 8-5. Но, мала опуштеност и неискористени напади придонесоа гостите да се вратат во игра и тоа многу брзо, па за две минути постигнаа три гола и израмнија на 10-10 во 17 минута. Тоа беше причина за Стевче Алушовски да побара тајмаут за да може да ги посоветува играчите.

И повторно Вардар 1961 ја презеде иницијативата. На голот застана Марко Кизиќ кој имаше три одбрани за осум минути кога „црвен-црните" пак поведоа, сега првпат со „плус 4" за водство од 15-11. Алушовски веќе го менуваше составот, внесуваше свежи играчи и тоа секогаш носеше резултат. Но, играњето во висок ритам е тежно и бара многу концентрација. Повторно мало невнимание и неискористување на шансите значи и топење на предноста. Пак влеговме во период кога му дозволивме на противникот да намали, и на полувреме се замина со предност од само два гола, 17-15.

Второто полувреме, барем од почеток наликуваше на почетокот. Флензбург брзо постигна два гола, и израмни на 17-17, а потоа уште еднаш израмнија, 18-18. И потоа пак препознатливиот ритам на Вардар 1961. Одлична одбрана, напад кој знае да ги реши шансите. И се разбуди Стојанче Стоилов. Капитенот тогаш почна да ги збудалува ривалите. Немаа решение за него, немаа како да го сопрат. А тој играше како да е финале на ЛШ, лавовски се бореше за секоја топка, за секоја позиција. На средбата постигна вкупно 8 гола, над него беа направени неколку пенали.

Кога во 52 минута преку Кристијан Дисингер првпат поведовме со 27-22 за пет гола предност тоа беше знак дека сме блиску до триумфот. Стоилов и Дисингер уште по еднаш погодија, плус Ловро Јотиќ во 58 минута и се беше јасно. Го чекавме само последниот звук на сирената за да може да се израдуваме на првите бодови сезонава во ЛШ.

И да го чекаме следниот меч, против Порто, повторно во Скопје следната недела.

 

Записник од натпреварот -  report_vardar_1961_vs_flenzburg.pdf

Live Ticker од натпреварот - движење на резултатот 

Фото - галерија од натпреварот

 

Изјави од прес-конференцијата по натпреварот

 Стевче Алушовски (тренер на Вардар 1961):
„Честитки за тимот на Флензбург. За нашите играчи, навивачи и управа, ова е голема победа што ќе ни даде поттик да останеме први. Им честитам на моите играчи за карактерот, иако не одигравме натпревар еден цел месец, бевме подготвени за овој, пред се на тактичко ниво. Добро ја анализиравме играта на Флензбург, особено со играта со 5 - 1. Пред нас е нов натпревар. Значи, немаме време да славиме. Треба да погледнеме кон мечот со Порто и да освоиме два бода што ќе го отворат патот до четвртфиналето"
.
Ловро Јотиќ (играч на Вардар 1961)
„Ова беше тежок натпревар за нас, бидејќи немавме одиграно натпревар од Лигата на шампионите цел месец. Со нетрпение го очекуваме натпреварот со Порто. Честитки за мојот тим ".

Маик Макула (тренер на Флензбург)
„Честитки за Вардар за победата. Не сум задоволен од играта на моите играчи во првите 15 минути, немавме креативност за тоа што ни требаше, за што зборувавме пред натпреварот. Потоа станавме подобри и најдовме добри решенија во нападот, но не и во одбраната. Одиме дома подготвени за следниот натпревар. Имаме уште двајца играчи со повреди и тоа не е добра вест за нас, затоа ви благодарам за натпреварот"

Ласе Свон (играч на Флензбург)
„Штета за нас што не можевме да ги добиеме двата бода, беа тоа важни два бода за нас. Значи, секако дека сме разочарани, природно во самите нас што не ги направивме работите за кои зборувавме пред натпреварот. Но, покажавме многу морал и израмнивме рано во второто полувреме. После тоа беше тешко. Ќе се обидеме да се подобриме, бидејќи секој натпревар е важен за нас ".

 

четврток, 15 октомври 2020 - 23:33