Вардар ја освои 14. титула во Македонија

Во последниот меч од првенството на Македонија, Вардар1961 триумфираше против Металург со 39-27.

Вардар1961 ја одбрани титулата во Македонија и по 14. пат го подигна трофејот. Ние сме единствениот тим што успеал шест сезони по ред да биде првак на Македонија. Во последниот дуел од 14 коло од Супер лигата нашите момци убедливо триумфираа против Металург, 39-27.

Последниот меч од сезоната во домашното првенство беше градското дерби со Металург. За „црвено-црните" значеше натпревар што требаше да го добијат и да ја заверат титулата, а гостите со бодови ќе го освоеја третото место на табелата.

Неизвесноста траеше до резултатот 9-8 за Металург, кој со серија од 3-0 направи пресврт откако претходно Вардар поведе со 8-6. И тогаш Вардар „уфрли во степен повисоко" па во следните 14 минути одиграа одлично, и не му дозволија на противникот да постогне гол истовремено правејќи серија со која поведоа со 21-9. Тоа беше сигнал дека Вардар е решен да ги реши дилемите и да не му дозволи на противникот ниту да се надева на чудо.

Лесната игра на Вардар му донесе предност од 21-10 со која се замина одмор. Тоа беше знак за Ракометната федерација на Македонија да го донесе и пехарот и медалите кои требаше да ги добие шампионот. „Црвено-црните" со една нога беа пред 14. титула, шеста во низа, со што станаа единствен машки тим кому ова му успеало досега.

Во второто полувреме шанса добија и оние од клупата. Металург на моменти ја симна предност и под десет гола, но и „резервистите" покажаа мотивираност да докажат дека заслужено се дел од шампионскиот тим. На крај разликата беше двоцифрена, 39-27 за Вардар.

Иван Чупиќ го подигна трофејот, чест што претходно му беше доделена единствено на Игор Карачиќ кога замина од клубот. И Чупиќ го одигра последниот првенствен натпревар за Вардар бидејќи заминува по завршувањето на сезоната.

Вардар сезонава ја освои двојната круна со освојување и на Купот. Сега во витрините на клубот се 14 титули од првенството, 14 од Купот, 5 од СЕХА лигата, 3 Суперкупа и 2 титули во Лига на шампионите.

 

* записник од натпреварот - vardar1961_-_metalurg_zapisnik.pdf

* Фото-галерија од натпреварот 

* Фото- Вардар1961 шампион

 

Конечна табела во Супер лигата за сезоната 2020/2021

 

 

 

среда, 2 јуни 2021 - 21:53

Share on Facebook