Вардар ја очекува 13. победа во низа во СЕХА

Актуелниот победник на СЕХА Газпром лигата, Вардар утре го игра мечот од 7. коло од регионалното натпреварувањњ против дебитантот Динамо Панчево. Средбата е закажана за 17,45 часот во СЦ „Јане Сандански"

По триумфот во Загреб во лигата на шампионите кај ППД Загреб, ракометарите на Вардар немаа многу време за подготовки и анализа на следниот ривал. Овој меч доаѓа како увертира за она што викендот треба да се одигра, а тоа е првиот од двата натпревари со Рајн Некар во лигата на шампионите.

Вардар има серија од 12 победи по ред во СЕХА лигата, а бидејќи „црвено-црните" се фаворити на утрешниот меч, сите ја очекуваат и 13. победа во серија во регионалното натпреварување. Од почетокот на новата сезона, Вардар одигра 14 натпревари и оствари 13 победи.

Сезонава Динамо Панчево има само една победа во СЕХА лигата, и тоа на почетокот против Војводина. Двата српски тимови се на дното на табелата со по три бодови.

Раул Гоналез - тренер на Вардар
„Малку сме уморни, и немавме време многу за подготовки за овој натпревар. Ние сме фаворити, играме во Скопје. Очекувам да играме интензивно, и треба да победиваме на сите мечеви. Не знаеме како ќе бидат играчите, имаме денеска тренинг и ќе видиме на тренинг. Имавме интензивен меч во саботата. Но, сега треба да се фокусираме на СЕХА лигата.

Стојанче Стоилов - играч на Вардар
„Ние сме фаворити за тој натпревар, треба да го почитуваме противникот и да играме сериозно. Тие се релативно непознати за нас, Немавме време за подготовки, но ако играме мотивирано нема да има проблеми.

 

понеделник, 13 ноември 2017 - 11:28