Вардар гостува кај Мотор за прв сериозен СЕХА тест сезонава

По триумфот над дебитантот Пекинг СУ од 37-23 во првото коло на СЕХА Газпром лигата ракометарите на Вардар рано изутринава отпатуваа за Украина каде во сабота (16,15 часот - МТВ пренос) треба да го играат мечот против Мотор Запорожје. „Црвено-црните " ќе „врзат" две средби со дебитантите во ова регионално натпреварување, но со Мотор исто така ќе треба да се сретнеме и во ЕХФ лигата на шампионите.

Ова ќе биде прв меѓусебен дуел на Вардар и Мотор во европските купови. Мотор Запорожје е шесткратен првак на Украина и петпати го освојувал Купот. Сезонава се засилија со денер Јаанима, поранешен играч на Кил, а во тимот настапува и еден поранешен вардарец, Стефан Вујовиќ.
Во првото коло Мотор освои три бода во гости победувајќи го Татран со 25-24 со погодок во последните секуни.

За Украина отпатуваа 15 ракометари , но во тимот ќе ги нема Стојанче Стоилов, Жозе де Толедо, Калифа Гедбан и Сташ Скубе. Словенечкиот интернационалец се повреди на еден од последните тренинзи и клубот реши да го одмори за она што следува потоа, дуелот со Монпелје.
Голманот Калифа Гедбан не доби влезна виза за Украина, бидејќи процедурата за добивање е подолга, а распоредот од СЕХА лигата за новата сезона беше потврден пред нешто повеќе од две недели, па немаше време да целата процедура околу издавањето виза да се заврши.
Од клубот се надеваат дека Украинците ќе му издадат виза барем за вториот меч, оној во Лигата на шампионите повторно во Запорожје на крајот од месецов.

Откао беа завршени сите формалности околу трансферот на Калараш тој сега ќе биде на располагање на тренерот Писонеро и треба да почне со играње токму против украинскиот првак.
Во тимот на Вардар за средбата со Мотор отпатуваа младите Мартин Карапалевски, Марко Кизаќ и Дејан Кукуловски.

Давид Писонeро - тренер на Вардар:

„Ова ќе биде прв сериозен тест за Вардар, совршен натпревар за гостување во СЕХА лигата против многу добар ривал. Ако сакаме добар резултат, треба да дадеме се од себе. Трениравме напорно и мислам дека ни требаат квалитетни натпревари. Мислам дека играчите и екипата се подготвени за вакви натпревари и со нетрпение чекаат да излезат на теренот.

Тимур Дибиров - играч на Вардар:

Сигурно е дека Мотор Запорожје е тим со повисок квалитет од нашот претходен противник, Пекинг СУ. Овој меч во Украина треба да го искористиме како подготовка за почетокот на Лигата на шампиони во ЕХФ. Мотор е многу амбициозен проект, стабилен тим во сите сегменти и на секоја позиција. Тие веќе 2 години се во плеј-офот во Лигата на шампионите и секој што гостува во Запорожје има тежок период на теренот. Но, исто така очекувам нашата форма да биде во нагорна линија и треба да одиграме квалитетен натпревар за да обезбедиме добар резултат.

Натпреварот со Мотор се игра во сабота во 16,15 часот, а ТВ пренос ќе има на МТВ.

 

петок, 6 Септември 2019 - 09:15