Вардар го заврши регуларниот дел од СЕХА лигата со нов рекорд

Вардар е првиот тим во СЕХА Газпром лигата што успеал да го заврши регуларниот дел од сезоната со 17 победи, откако во последниот натпревар го победи Нексе со 29-25 (11-12). Истовремено Вардар е нов рекордер по бројот на освоени бодови, 52 во регуларниот дел од СЕХА лигата.

Сега „црвено-црните" ќе го чекаат расплетот од последните две кола за да го дознаат противникот во полуфиналето на Ф4 турнирот од СЕХА лигата. Најверојатно тоа ќе биде Мешков, кој беше поразен на домашен терен од Горење. Но, претходно треба да се почекаат и исходите од натпреварите на кои играат ППД Загреб и Целје, против Војводина и Динамо Панчево. Сигурно е дека Вардар е првопласиран.

Актуелниот победник на СЕХА лигата, Вардар мораше добро да се намачи да стигне до триумф, а традиционално Нексе секогаш игра добро против „црвено-црните". Кога во 51 минута Вардар првпат поведе со три гола предност, 24-21 како да беше најава дека нема повеќе да има пресврти и неизвесност на средбата.

Во 56 минута прво Циндриќ не реализираше, одбиенататопка стигна до Криштопанс а овој добро се ослободи од зицер ситуација го погоди голманот Полјак. Нексе најави со брз гол на Греганиќ можност за неизвесност, а потоа Дибиров од крило реализираше, а можеше водството да биде зголемено ако Шишкарев ја погодеше празната мрежа. Нексе не му дозволи на Вардар да се одлепи, но под пасивен напад Гаџа упати удар во рацете на Милиќ. Тоа беше последната шанса за Нексе, зашто во следниот напад Шишкарев зголеми на 28-25. Токму на ризичката игра на Нексе со празен гол Вардар одговараше со голови, па и Марсениќ погоди за конечни 29-25.

Нексе играше без притисок, но со доста грешки, и доколку беа повеќе концентрирани веројатно дека ќе можеа и подобро да минат во Скопје. Имаа повеќепати водство во средината од натпреварот, но токму во моментите кога имаа играч помалку и водство, ризикуваа а тоа знаеше да го казни Вардар.

* Записник од натпреварот - vardar-nexe.pdf

Фото: Денис Дуковски

вторник, 13 март 2018 - 19:17