Вардар го „реши“ и Рајн Некар и останува најдобар тим во ЛШ

Европскиот првак Вардар останува најдобар тим во лигата на шампионите и по 8. коло откако го победи Рајн Некар со 30-26 (17-13). „Црвено-црните" остануваат единствена екипа без пораз и со серија од 13 натпревари по ред на кои освојуваат бодови, што е уште еден клупски рекорд. Вардар го задржа првото место во А групата со 15 бодови.

Нашите момци одново покажаа дека „им лежат" германски екипи и ова е наш петти триумф во дуелите со тимот од Мајнхајм. Во дуелите со германски екипи Вардар сега има 11 триумфи и 12 порази.

Вардар очекуваше интензивен натпревар против Рајн Некар во Скопје и тоа го најавија двете екипи уште од самиот почеток. Во отсуство на Рожерио Мораеш и Лука Циндриќ во тимот, мечот го почнавме со Стојанче Стоилов како пивотмен кој требаше да се „бори" со одбраната на Германците.

Гостите само еднаш во 2. минута израмнија на 1-1, а потоа сѐ беше во знак на „црвено-црните", особено нашата одбрана. Најдовме решение на Енди Шмит и бековската позиција на Рајн Некар. Уште во 10. минута од натпреварот гостинскиот тренер беше приморан да побара тајм аут бидејќи Рајн Некар веќе имаше негатива од 3-6. И советите само делумно помогнаа. Вардар продолжи да игра одлично особено во одбраната, пресекувајќи многу топки и потоа реализирајќи „лесни голови".

Навикнавме Арпад Штербик да биде брилијантен, ама овојпат неговите колеги од одбраната беа уште подобри. Пропуштија малку топки да минат низ нивните раце, па затоа и Штербик немаше можност да ги покаже сопствените квалитети и да изнуди аплауз од публиката. Одбраната 5-1 со Кањељас или Дибиров напред, и агресивното движење беа доведени до перфекција. Најмногу проблеми ни задаваше пивотменот Баена кој со својата корпулентност доаѓаше најчесто во позиција да постигне гол или пак да изнуди пенал и исклучување.

* Изјави од прес-конференција

Следните десет минути повторно беа во знак на Вардар, ние водевме со 13-7, а на гостите не им преостана ништо друго освен повторно да бараат минута одмор. Нашиот напад беше прецизен, се пуштаа проектили што голманите Паличка и Апелгрен не можеа да ги бранат. Вуко Борозан го решеташе противничкиот гол. Неколкупати имавме и „плус 6" најавувајќи дека сме подготвени да останеме во победничката низа. Но, Рајн Некар секогаш покажува дека знае да казнува, па во самата завршница со два гола по ред намали на „прифатливи" за нив четири гола разлика.

Второто полувреме донесе само одржување на нашата предност на ниво од 4 до 6 гола разлика, со тоа што Криштопанс во 51 минута постигна гол за наше водство од 27-20 најавувајќи нов триумф на „црвено-црните“. Ако ни недостасуваа одбраните на Штербик во првото полувреме, сега ги имаше дури седум. Повторно во последните минути најмногу поради сопствено невнимание примивме два гола по ред, па и разликата гостите ја намалија на „минус 4“, иако лесно можеше да се случи да го испратиме противникот и со повисока разлика.

Во следното коло Вардар гостува во Германија кај Рајн Некар.

* Фото галерија од натпреварот


ВАРДАР - Рајн Некар 30-26 (17-13)
ВАРДАР: Штербик, Милиќ, Стоилов 3, Недановски, Поповски, Криштопанс 5, Македа, Карачиќ 3, Абутовиќ, Кањељас 1, Чупиќ 6, Дибиров 3, Шишкарев 1, Борозан 7, Војводиќ, Марсениќ 1.

сабота, 18 ноември 2017 - 19:04