Вардар го победи Кристијанштад и изби прв во групата

Црвено-црните момци делат лекции по ракомет во Лигата на шампионите, овој пат во Шведска, против Кристијанштад со 30-25.

 

Вардар ја запиша третата победа во третиот меч од ЛШ, со што изби осамен на првото место во групата Б со максимални шест бода. Победата во Кристијанштад не беше доведена во прашање во ниту еден момент. Уште од првите минути на мечот Вардар поведе, а со игра во нападот каква што сите посакуваме веќе за 11 минути имаше 9-3.

Сепак, настапи мала криза во нашата игра, а Швеѓаните тоа го искористија да возвратат со серија од 7-1 и првпат на мечот да изедначат на 10-10. Сепак, таа мала неизвесност траеше со по уште еден гол на двете страни и тоа беше последно кога Кристијанштад беше резултатски рамноправен со Вардар. Ја зголемивме предноста на 15-12 и ќе останеше таква и на паузата, но во последните секунди од првиот дел Толбринг постигна гол за 15-13 по првото полувреме.

Во вториот дел ни требаа неколку минути за нов напаѓачки бран и ново резултатско одвојување. Направивме серија од 4-0 со која дојдовме до 22-17 во 40. минута и веќе во тој момент Кристијанштад го загуби натпреварот. Водството на Вардар беше стабилно, на двапати достигна и највисоки плус шест, последно 26-20 во 49. минута.

Извонреден беше Арпад Штербик со 18 одбрани, а Алем Тоскиќ и Тимур Дибиров беа први стрелци со по седум гола.

недела, 4 октомври 2015 - 18:33