Вардар го има „лекот“ за Рајн Некар

Вардар останува лидер во Б групата од лигата на шампионите откако победи на гостувањето кај Рајн Некар 33-27 (17-16) во 7. коло. Пo вторпат Вардар победува во гости кај Рајн Некар, на досегашните три средби, а вечерва  блескаше Жоан Кањељас со 10 гола од 13 обиди.

Шпанскиот интернационалец Кањељас покажа дека влегува во одлична форма, а тоа го почувствуваа Германците на овој натпревар. Тој беше нерешливата загатка за Рајн Некар, постигнувајќи 10 гола од 13 обиди. Вардар одново покажа дека има „долга" клупа, квалитетни играчи и секој може во било кое време да влезе на теренот и да покаже дека вреди и со право е дел од нашиот тим.

Овојпат своја вечер имаше и Хорхе Македа, а среден бек целиот товар го изнесе Лука Циндриќ. Хрватскиот интернационалец постигна 7 гола, многу од нив во решавачки моменти „бушејќи" ја противничката мрежа. Одбраната беше на завидно ниво, а она што тие го пропуштија заврши во рацете и нозете на Арпад Штербик. Тој имаше 13 одбрани и 2 седмерци, и натпреварот го заврши со процент на успешност од 45 отсто. Беше одличен кога се одлепувавме резултатски во второто полувреме, па и кога Рајн Некар се приближи и се понадева дека може нешто да спаси.

На половина од групната фаза од лигата на шампионите, Вардар е лидер во својата група и по некомплетното 7. коло води Вардар со 12 бода, два повеќе од Кјелце и три повеќе од третопласираниот Рајн Некар. На Вардар му е отворен патот кон освојување на првото место во групата што води директно во четврт-финалето на ЛШ.
Ние сме првиот тим сезонава што успева да триумфира на гостински терен кај германскиот првак. Во досегашните пет меѓусебни мечеви, Вардар трипати го победува германскиот првак, од што двапати во гости. 

Тргнавме решително и со единствена мисла, без брзање и со смирен напад да се постигнува гола, а секога противничка грешка да се казнува. И успевавме, и поведовме со 9-5 во 13 минута. Период во игра каде се истакнаа Чупиќ, Македа, Циндриќ, Кањељас. Одличниот ракомет што го играа двата тима донесе и доста возбудување, токму во тоа прво полувреме.
Рајн Некар не се предаде, напротив се врати во игра, израмни, 14-14 а потоа и првпат поведе со 16-15. Но, толку беше од нивната рамноправност. Прелку Кањељас и Дибиров „врзавме" два гола и на одмор заминавме со предност 17-16.

Ни, требаа само седум минути во второто полувреме да „избегаме", зашто поведовме со 22-17 и тоа беше првиот знак дека сме блиску до реализација на посакуваната цел.До 40 минута предноста беше 24-18. Штербик двапати одбрани за две минути и предноста брзо ја направивме. На секој напад на Рајн Некар одговаравме со наш постигнат гол, и во 44 минута го приморавме домашниот тренер по третпат да бара тајм аут. Но, немаше што да им каже на своите ракометари. Штербик се разбрани, одбраната повторно одигра одлично, а нападот разновиден и непредвидлив. Стоилов во 50 минута веќе зголеми на 30-21. Веќе се гледаа насмевките на нашите лица, но мораше да се одработат и последните десет минути.
Шанса добија и Деревен и Рожерио, но во тие минути Рајн Некар намали на 25-31. Кога во 56 минута Штербик по вторпат одбрани пенал, на Сигурдсон веќе беше јасно околу победникот. Остана само рутина, но и тука не дозволивме изненадување и опуштање. На крајот заслужено се израдувавме на победата од 33-27, и им донесовме големи насмевки на лицата на неколку стотината навивачи во салата во Франкфурт кои го бодреа нашиот тим.

Во следното коло од Б групата на 26 ноември во Скопје доаѓа Рајн Некар во 8 коло.

Рајн Некар - Вардар 27-33 (16-17)

Рајн Некар: Апелгрен, Шмид, Сигурдсон 7, Манасков, Баена 4, Штајнхаузер, Ларсен 1, Пекелер 1, Грецки 3, Абт, Реинканд 1, Гуардиола 1, Петерсон 6, Екдал ду Риц 3, Бауер.

ВАРДАР: Штербик (13 одбрани и 2 пенали), Стоилов 3, Милиќ, Рожерио, Македа 4, Деревен, Карачиќ, Душебаев 2, Абутовиќ, Кањељас 10, Циндриќ 7, Чупиќ 2, Дибиров 3, Шишкарев, Борозан, Марсениќ 1.

 

четврток, 17 ноември 2016 - 21:21