Вардар ги почнаа подготовките а тренерот Вујовиќ порача: Ниту јас како тренер, ниту македонската јавност не се задоволува со просечност

Македонскиот ракометен рекордер и актуелен освојувач на двојната круна, Вардар1961 ги почна подготовките за новата сезона. Екипата првпат ќе има вака напорна сезона и покрај во ЕХФ лигата на шампионите и СЕХА лигата, ќе игра од самиот почеток и во домашното првенство. Кон крајот на август почнуваат четвртфиналните средби од СЕХА лигата, па затоа тимот порано од вообичаеното почна со подготовките.

По неколкугодишна пауза на кормилото се враќа Веселин Вујовиќ кој го освои првиот од петте титули во СЕХА лигата. Сега тренерот има и зголем ростер во кој се вклучени и повеќе ракометари од вториот тим.
На првата прозивка и тренинг, единствено Едуардо Гурбиндо и Давид Савревски беа отсутни поради репрезентативки обврски.

„Вчера имавме состанок со претседателот. Објасни каква е ситуацијата околу клубот и случувањата со ЕХФ, за плаќањето на депозитот. Моите информации се денеска е решено позитивно и тоа е олеснување за мене и играчите. Го одработивме и првиот тренинг. Како и секогаш сите не доаѓаат исто подготвени на тренинзите. Знам дека е големо интересирањето кога е Вардар во прашање бидејќи тоа е македонски бренд. Сите очекуваат Вардар да се впушти за трофеите. Ниту јас како тренер, ниту македонската јавност не се задоволува со просечност. Може да ме мразат, или да ме сакаат, но додека јас сум тренер мора да го остават срцето на терен", вели Вујовиќ.

Тој најави дека екипата за неколку денови заминува за Златибор каде ќе остане до 29 јули.

„Се надевам дека играчите ќе ја оправдаат довербата. Ќе видиме дали ќе има уште засилувања и во стручен штаб и во играчкиот кадар. Засега не можеме да ја користиме салата. Тука е премногу топло и не е хумано да се трча и да се тренира. На Златибор ќе биде полесно. Не очекува и натпревар против Еурофарм Пелистер и тоа ќе биде вистински празник. Имаме Струшки турнир и Хумел", рече тренерот на „црвено-црните".

* Фото-галерија од првиот тренинг

Вардар1961 во новата сезона ќе има повеќе нови ракометари. Продолжува традицијата да имаме хрватски бекови, па нов играч е Анте Кудуз кој игра на позицијата лев бек.

„Дојдов пред неколку дена и веќе се одомаќинив. Имав време и да прошетам и да го запознаам градот. Презадоволен сум и едвај чекам да почнеме да тргнеме посилно со тренинзите. Сите со кои зборував кажаа најдобро за Вардар. Се работи за македонски бренд. На мене е само да работам и да ја оправдам довербата која ја имам добиено од страна на тренерот", рече Кудуз.

По заминувањето на голманот Робен Кантегрел, во тимот повторно имаме француски интернационалци. На пивотменската позиција ќе игра Жереми Тото.

„Дојдов во неделата, мојот прв впчеаток е дека Скопје е прекрасен град, лани играв во помал град, Плоцк. Луѓето ме препознаваат уште веднаш, а кога добив шанса да зборувам со некои луѓе, сфатив колку го овде го сакаат Вардар. Денеска почнавме со подготовки, имам добро чувство пред стартот на оваа сезона, мислам дека ќе играм со одлични момци, искусни момци. Со новиот тренер ќе научам нова филозофија на игра и ќе биде ново искуство за мене. Си правам самиот на себе притисок, ќе играм во овој голем клуб кој два пати беше шампион, но тој притисок е позитивен. Сакам да стигнеме што подалеку можеме во ЛШ, СЕХА и дома. Кога ги освои Вардар двете титули бев во Келн и ги гледав, а сега сум тука...Малку ми е неверојатно. Јас веќе играв во Кретеј со Борко Ристовски и тогаш бев дел од Струшкиот турнир, пред пет шест години и тоа беше интересно искуство да се игра на отворено", заврши Тото.

Пивотемнот Патрик Валчак ќе има свој сонародник во тимот, и на позицијата лево крило ќе биде Полјакот Јан Чувара.

„Јас сум првпат во Македонија, Скопје ми се допадна. Среќен сум што сум овде. По крајот а минатата сезона, сакав да заминам од Полска. Добро е што Патрик Валчак е овде, тој ми помогна во сите работи и сите сакаат да ми помогнат од стартот. Се надевам дека ова ќе биде добра сезона за нас. Тимур Дибиров е легенда. Можам да научам многу од него, се надевам дека кога тренерот ќе ми даде шанса, ќе успеам да ја искористам", вели Чувара.

Тимот по враќањето од Златибор ќе работи во Скопје, а потоа ќе замине за Струга каде ќе игра на традиционалниот турнир. Планирано е играње и на турнир во Магдебург по што почнуваат официјалните натпревари, четвртфиналето во СЕХА лигата.

 

четврток, 15 јули 2021 - 22:16

Share on Facebook