Вардар ги почна подготовките за новата сезона

Македонскиот шампион Вардар ги почна подготовките за новата сезона. Тренерот Владо Недановски на првата прозивка ги имаше сите ракометари на кои смета сезонава, иако не е исклучено на тимот да му се приклучат и нови ракометари кои ќе го засилат Вардар.

Поради зафатеност на салата „Јане Сандански" првиот тренинг вардарци го имаа во училишната сала во ОУ „Круме Кепески". Покрај во оваа сала, ракометарите ќе се имаат и тренинзи во теретаната во СЦ „Јане Сандански" и на фудбалскиот стадион до салата каде и досега традиционално ги извршуваа задачите.

По завршувањето на женското кадетско СП што се одржува во Скопје, екипата се враќа во СЦ „Јане Сандански" и ќе тренира до заминување за Струга каде ќе играат на традиционалниот турнир што годинава го слави своето 50-то издание.

"Целта на Вардар секогаш е да биде во самиот врв. Без разлика на се досега ги почнуваме овие подготовки и веруваме дека имаме тим што повторно ќе атакува на висок пласман. Ќе тренираме во Скопје, ги имаме сите услови потребни. Потоа заминуваме на турнирот во Струга. Имаме време пред нас за подготовки, вели Владо Недановски, новиот тренер на Вардар.

Тој ја доби довербата во новата сезона да ја води екипата. Лани последните три кола во декември го предводеште исто така тимот по заминувањето на Веселин Вујовиќ. Под водство на Недановски тимот на Вардар остана непоразен во Битола. Тој е дел од шампионскиот тим на Вардар кој ја освои двојната круна.
Негов помошник ќе биде Стојан Петрушевски кој речиси целиот свој работен век како играч и тренер го мина во клубот.

Меѓу новите лица што се појавија на првиот тренинг на Вардар се и младите Марио Стојановски и Александар Стојменов. Ќе тренираат со тимот и ќе се борат за место, а шанса за тренирање и докажување ќе добијат и некои други наши млади ракометари во текот на сезоната.

Не е исклучено на тимот да му се приклучат уште неколку ракометари во следниот период со цел да има уште поконкурентна екипа.

 

понеделник, 25 јули 2022 - 20:45

Share on Facebook