Вардар ги доби ривалите за групната фаза од ЛШ

Во новата сезона во групната фаза на лигата на шампионите Вардар ќе игра во група А, заедно со екипите на Кјелце, Барселона, Мешков, Веспрем, Монпелје, Кристијанстад и Рајн Некар.

Нашиот клуб во ждрепката беше во првиот барабан заедно со ПСЖ поради високиот рејтинг што го има последниве сезони во европските купови.

Во однос на лани сега со три екипи повторно сме во иста група: Барселона, Рајн Некар и Кристијанстад. Со тимот на Монпелје игравме во полуфиналето на Ф4 турнирот во Келн.
Ова е група на поранешни и актуелни европски прваци. Монпелје триумфираше во Келн во јуни, а со европска титула во групата може да се пофалат и Вардар, Кјелце и Барселона.

 

 

Останува истиот систем на играње. Вардар е во група А, и првите шест од групата продолжуваат во следната фаза. Првопласираниот ќе го скокне осминафиналето, и директно ќе игра меѓу осумте најдобри. Другите ќе вкрстат со група Б и со еден тим што ќе дојде од послабите групи Ц и Д, каде ќе се играат квалификации.

Со сите ривали против кои ќе играме во групната фаза од лигата на шампионите и претходно сме имале меѓусебни натпревари. Интересно е што петта сезона по ред за ривал во групната фаза го добиваме тимот на Рајн Некар, а четврта сезона по ред ќе играме и со Кристијанстад од Шведска.

Против екипата на Мешков е играме и во СЕХА Газпром лигата, а можно е и со Веспрем доколку унгарскиот тим го потврди враќањето.

 

петок, 29 јуни 2018 - 14:18