Вардар е подготвен на сѐ, а Барселона во „Јане Сандански“ ја чека пекол

Вардар е подготвен за мечот со Барселона од Лигата на шампионите, што се игра в недела во СЦ „Јане Сандански" од 17 часот. Од исходот на дербито меѓу двете од најдобрите екипи во групата А зависи и кој ќе се најде на првата позиција во групата, а според тренерот на Вардар Роберто Парондо црвено – црните се подготвени на сѐ, воздржувајќи се пред новинарите да открие многу детали за тактиките и подготовките.

„Екипата е подготвена. Одлично тренираме и подготвени сме за мечот. Ќе има многу тактика на мечот зашто доаѓа тим кој игра добро во двата правци. Сите се возбудени пред натпреварот со Барселона, која е одличен тим. Трибините секогаш се исполнети до последно место и очекувам голема поддршка од навивачите, како и одлична атмосфера. За квалитетот на екипата на Барселона не треба многу да се зборува. Тоа е тим кој секогаш е на ниво на задачата и претендира кон пласман на Ф4 во Келн. Барселона сезонава игра подобро од лани и сигурно ќе не очекува тежок и неизвесен натпревар. Мораме да одиграме интензивно и да се бориме максимално и нијанси ќе го одлучат победникот. Нема да ни недостига мотивација", изјави Парондо.

Според тренерот подготовките се слични како и за секој противник, но има мали модификации.
Вардаровиот капитен Стојанче Стоилов најави дека Барселона ја очекува пекол во Скопје.

„Играме против Барселона, со која натпреварот е за првото место во групата и за тоа до последно ќе се бориме. Кога беа извлечени групите се сметаше дека Барселона е фаворит во групата, но на теренот тоа не значи ништо. Тие знаат дека ги очекува пекол и нема да им биде сеедно. Играме пред наша публика. Знаеме како треба да се игра за да се победи Барселона. Имаме искуство и тоа ќе биде интензивен дуел и ако успееме да дадеме максимум може да очекуваме и позитивен резултат", рече Стоилов и дополни дека на ракометарите во тимот не им недостига мотивација за да играат за победа. Како што рече „и игрици кога играме, се тепаме за победа".

Билетите за натпреварот в недела се распродадени.

петок, 9 ноември 2018 - 15:09