Вардар е најуспешниот тим во историјата на СЕХА лигата

Со триумфот во Велење против Горење, 31-29 во неделата нашите ракометари и теоретски го заверија првото место на табелата во регуларниот дел од сезоната во СЕХА лигата. На едно коло до крај „црвено-црните" првпат во шестгодишното постоење на ова регионално натпреварување ќе влезат во разигрувањето од лидерската позиција.

Нашиот тим е еден од трите што играл во сите шест сезони на СЕХа Газпром лигата, заедно со ППД Загреб, Нексе и Татран Прешов. Ова е петта сезона како се игра според овој формат со 10 екипи, односно 18 кола во регуларниот дел од сезоната, и потоа се разигрува на Ф4 турнир. Вардар и ППД Загреб се единствените екипи во СЕХА лигата што настапиле на сите пет досегашни Ф4 турнири, а Вардар засега е единствен со шест настапи.

Вардар досега секогаш се пласирал меѓу четирите најдобри екипи и влегувал во завршницата. Во петте сезони, четирипати игравме во финале, а двапати и бевме прваци (2011/2012 и 2013/2014). Лани игравме во финалето против Веспрем, и во самата завршница ни избега трофејот.

Според сите параметри Вардар е најуспешниот тим во СЕХА Гaзпром лигата во досегашните шест сезони. Нашиот тим во регуларниот дел од сезоната има одиграно вкупно 111 натпревари, остварено 83 победи и освоено вкупно 259 бодови, со вкупна гол разлика 3458-2908.
Ако на ова се придодадат уште и десетте натпревари на Ф4 турнирите, тогаш доаѓаме до бројка од вкупно 121 одиграни натпревари. На 89 натпревари сме се радувале на победата, 10 меча завршиле со реми, а 22 пати сме заминувале без победа.

Најблиску до рекордите на Вардар е само тимот на ППД Загреб чии ракометари досега одиграле 117 натпревари, и постигнале 80 победи. Загреб треба да одигра уште пет натпревари од регуларниот дел од сезонава, но дури и со максимален број победи, повторно ќе биде втор на листата.

На 14 март Вардар во последниот меч од регуларниот дел на сезоната треба да гостува кај Извиѓач во БиХ. Доколку победи, ќе израмни еден рекорд и ќе постави нов. Во сезоната 2014/2015 Вардар имаше 15 победи во регуларниот дел од сезоната, и освоено вкупно 45 бода. Сега има 14 победи и 44 бода.

 

вторник, 7 февруари 2017 - 10:05