Вардар е најуспешната македонска екипа во Лигата на шампионите

Со завршувањето на групната фаза во ЕХФ Лигата на шампионите Вардар стана најуспешната македонска екипа во елитното европско клупско натпреварување, а допрва ќе се стреми да ја направи оваа сезона историска.

Победата против Монпелје, со која ја затворивме фазата по групи, беше јубилејна 30-та за Вардар во натпреварите од Лигата на шампионите. Тоа значи дека уште порано сезонава го надминавме Металург кој останува втор македонски клуб според успешноста со 27 победи.

Вардар досега има одиграно 82 натпревари во главната фаза Лигата на шампионите, сметајќи одгрупите па натаму, без квалификации и во нив забележал 30 победи, 9 нерешени резултати и 43 порази. Новиот систем на натпреварување понуди повеќе натпревари, па придонесе Вардар да ја одбележи најуспешната сезона досега, со девет победи и пет порази.

Нашата цел е не само да го зголемиме бројот на победи оваа сезона, туку да дојдеме и до историско постигнување, како прва екипа од Македонија која се пласирала на завршниот турнир од Лигата на шампионите во Келн. Првиот чекор до овој предизвик е гостувањето кај Висла на 16 март, а потоа и реваншот во Скопје, на 26 март.

 

Македонски екипи во ЛШ

Вардар 82 натпревари 30 победи 9 нерешени 43 порази

Металург 72 натпревари 27 победи 5 нерешени 41 пораз

Јафа промет 6 натпревари 2 победи 0 нерешени 4 порази

Пелистер 6 натпревари 1 победа 0 нерешени 5 победи

петок, 11 март 2016 - 13:35