Вардар добро го намачи европскиот првак, но бодовите останаа во Барселона

Ракометарите на Вардар покажаа дека сезонава можат рамноправно да се носат со секого, па и со европскиот првак, иако загубија со 30-31, и тоа во самата завршница од натпреварот во Барселона, во рамките од Б групата на Лигата на шампионите.

Дома се враќаат без бодови, но со крената глава и мотив да им се врати на Шпанците уште следниот викенд кога гостуваат во Скопје. Ова беше втор пораз за Вардар во групната фаза, но остана во самиот врв на табелата, сега на второто место со 10 бода, еден помалку од Барселона.

Лошиот почеток на натпреварот му овозможи на домашниот тим да има водство од 5-1 на самиот старт. Се покажа дека главната опасност ќе биде Тунижанецот Жалуз кој постигна три од вкупно петте гола на европскиот првак. Неговите удари беа тешки за сопирање, а само во првото полувреме тој постигна 8 гола.

Раул Гонзалез со тајмаут експресно реагираше и тоа донесе одговор од Вардар, со серија од 2-0 се преполови разликата, а црвено-црните успеаа и да се доближат на гол негатива на двапати, но не и да успеат резултатски да се вратат во егал само поради брзоплетостите и техничките грешки, но и неколкуте зицери што Перез Варгас ги одбрани во клучни моменти за вардарци да се вратат во мечот. Разликата на мечот се движеше од два-три гола предност на Вардар, а Барселона успеа со гол на Жалуз на шест минути пред паузата повторно да стигне до највисоката предност од плус четири (9-13). Повторно Вардар ја преполови разликата и се изгледаше дека со достижни два ќе се замине на пауза, но не и Жалуз, чија бомба ги одведе Каталонците до 16-13 на полувреме.

Второто полувреме за само две минути ја анулиравме негативата, а Вардар преку Сергеј Горбок поведе со 17-16. Следните десет минути се играше „гол за гол", а Вардар имаше водство и во 39 минута кога беше 20-19. Нашата брзоплетост на моменти и технички грешки беа причината поради која домашните ракометари успеаја да извлечат максимум, па и да имаат три гола предност (23-26) во 51 минута. Но, Вардар не се предаде, па со серија се врати во игра, за намалување на 27-28. На 2,5 минути до крај на средбата имавме шанса пак да намалиме на гол негатива (28-30), но откако не реализиравме стана јасно дека тешко ќе извлечеме барем бод. На крајот резултатот беше 30-31 за Барселона, но, Вардар покажа и повеќе од карактер да се носи со тим кој е европски првак, и кој следната недела доаѓа во Скопје на реванш.

Барселона - Вардар 31-30 (16-13)

Барселона: Перез де Варгас, Оландер, Нодесбо, Ентрериос 5, Сораиндо, Гурбиндо 1, Сигурдсон 3, Лазаров 1, Жалуз 12, Томас 3, Јиха, Сипжак 4, Виран 1, Копљар 1, Арино, Душебаев.

Вардар: Штербик, Лацковиќ 1, Брумен 4, Тоскиќ 4, Горбок 8, Циндриќ 2, Дибиров 3, Манасков, Душебаев 1, Македа 1, Карачиќ 3, Абутовиќ, Лазаров, Шишкарев 2, Марсениќ 1, Милиќ

сабота, 14 ноември 2015 - 22:34