Вардар четврти во Струга - Талески е најдобар стрелец на турнирот

Вардар го освои четвртото место на турнирот во Струга и останува на 13-те титули што досега ги имаше од настапите. Ова беше јубилејно 50. издание на меѓународниот турнир и учествуваа осум екипи. Покрај признанието за учеството нашиот тим доби уште една награда, Филип Талески беше избран за најдобар стрелец со 24 гола.

Филип Талески го отвори натпреварот со 1:0, а избраниците на Радослав Антл со брз погодок израмнија на 1:1. По неколку грешки на Татран Прешов, составот на Вардар со серија од 3:0 поведе со 4:1 во 5 минута. Голманот на Вардар, Мартин Томовски за пет минути успеа да забележи шест интервенции. Со погодоците на Лазаревски и Манасков, „црвено-црните" дојдоа до највисоко водство од 6:1. Татран Прешов вториот гол го постигна по осум минути игра преку Рабек, но Вардар со првиот гол за Карапалевски повторно имаше плус пет, 7:2.

Словачкиот шампион во 24 минута го презеде водството, поведе со 13:12 и целосно се врати во игра за освојување на третото место на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир. До крајот на првото полувреме, двете екипи беа во голема борба за секоја топка, па така се играше гол за гол, без одбрана на двете страни. По нерешениот резултат од 15:15, Вардар се врати во водство со голот на Атанасовски за 16:15. По 30 минути игра, резултатот беше 17:17.

Татран Прешов за неколку минути игра во второто полувреме дојде до водство од два гола разлика, 19:17. Вардар беше под психолошки притисок за камбек во натпреварот и мораше да одигра подобро во одбраната, со цел да се врати во дуелот со претставникот од Словачка. Во составот на Вардар шанса во второто полувреме доби кадетскиот репрезентативец на Црна Гора, Андреј Добрковиќ, кој го одржуваше македонскиот шампион во игра.

Во 45 минута, Антл со првиот гол му донесе на Татран Прешов највисоки три гола предност, 23:20. При водство на Татран Прешов од 23:21, избраниците на Владо Недановски пропуштија неколку шанси за минус еден гол разлика. На влезот на завршните десет минути, резултатот беше 24:22 за екипата од Словачка.

Вардар со погодоците на Атанасовски и Чувара конечно дојде до минус еден гол разлика, 24:25 во 53 минута. Ракометарите на Антл ја задржаа предноста во последните минути и не дозволија Вардар да направи камбек на натпреварот. Вардар имаше неколку шанси да се врати во игра, но големиот број на технички грешки и промашените удари на празна мрежа беа причина за минималниот пораз.

Победник на турнирот е Еурофарм Пелистер кој по изведување на пенали го победи Целје со 7-6. Поради кондензација на подлогата и лизгање по неколку минути играње беше решено истото да се прекине и да има пенали, со цел да се заштитат играчите од евентуални повреди.

Најдобар голман е Урбан Лесјак од Еурофарм Пелистер, а МВП е Жарко Пешевски од Еурофарм Пелистер.

Конечна табела:
1. Еурофарм Пелистер
2. Целје
3. Татран
4. Вардар
5. АЕК
6. Алкалоид
7. Струга
8. Бутел

 Резултати на Вардар на турнирот
Вардар - Алкалоид 24-22
Вардар - Бутел 32-20
Вардар - Целје 28-36
Вардар - Татран 24-26

 

 

 

 

 

сабота, 20 август 2022 - 23:10

Share on Facebook