Вардар без Атман, Горпишин и Скубе гостува кај Пекинг

По завршувањето на репрезентативните обврски во ЕХФ неделата, се враќаме на обврските во СЕХА Газпром лигата. Утре (вторник) гостуваме кај дебитантот во СЕХА лигата, тимот на Пекинг СУ во Загреб. Тоa ќе биде последна контрола пред дуелот со Мешков во ЕХФ лигата на шампионите.

Ракометарите што беа со своите репрезентации директно заминуваат за Загреб, а оние што тренираа во Скопје денеска ќе им се приклучат. Вечерва ќе тренираат заедно, а утре натпреварот е закажан за 17,15 часот. Веднаш по мечот се враќаме во Скопје и почнуваме со подготовките за средбата од ЕХФ лигата на шампионите.

Павел Атман и Сергеј Горпишин се повредени и остануваат во Скопје да им биде извршен лекарски преглед, а Сташ Скубе е болен и доби препорака неколку денови да не тренира и да мирува. Тие се приклучуваат на Стојанче Стоилов и Жозе Толедо кои се уште не почнале да играат

„Имавме долг и напорен пат за време на ЕХФ неделата. Сега веднаш почнуваме со натпревари. Можеби на хартија Пекинг е аутсајдер, но ние никогаш не го потценуваме ривалот. Сакаме да одиграме максимално, бидејќи ова е сепак официјален натпревар. Пекинг од натпревар во натпревар игра подобро, и ние секако тоа го сфаќаме сериозно. Имаме проблеми во нашиот тим, но, секако сите други ќе дадат се од себе, изјави Едуард Кокшаров, тренерот на екипата.

На првиот меѓусебен натпревар на почетокот на сезоната победивме со 37-23. И сега сме фаворити и во отсуство на неколкумина ракометари шанса ќе добијат помладите.

„ На првиот натпревар во Скопје шанса добивме помладите. Не треба да сметаме дека Пекинг е аутсајдер, тие се млад тим што постојано напредува и учи од натпревар во натпревар. Верувам дека и сега ние младите ќе имаме шанса за играње и докажување. Најважно е да не го потцениме ривалот и да одиграме на нивото како и досега., вели Димитар Димитриоски, левото крило на Вардар.

По четири одиграни натпревари Вардар е на второто место во А групата со 9 бода, три помалку од Мотор, но украинскиот тим има одиграно еден натпревар повеќе.

понеделник, 28 октомври 2019 - 14:26