Вардар 1961 со победа го отвори турнирот во Струга

Во првото коло од турнирот „Струга 2020" со 27-22 (13-12) го победивме тимот на Охрид.

По неколку месеци пауза вардарци повторно одиграа натпревар со што го означија почетокот на новата сезона. По шест години се вративме во Струга за да настапиме на турнирот кој годинава го слави своето 48. издание. А првите натпревари секогаш се тешки, особено по неколку неделни подготовки, кога се посветува доста внимание на физичката подготвеност и кога треба да се воиграат оние што во преодниот рок го задолжија дресот на Вардар 1961.

За нашиот тренер Стевче Алушовски најважни е што подобро и побрзо да ги склопи коцките во тимот, да му најде на секого место од кое ќе извади најмногу. Така беше и сега, многу комбинирање, и сите имаа свои минути на теренот. Неизвесно во првите 30 минути во кои и Охрид имаше периоди кога водеше, а се бараше и начин како да проработат бековите. Вујин, Јотиќ, Гаџа, Талевски, Дисингер, Векиќ првпат играат заедно и секако треба период на навикнување. Вардар 1961 беше фаворит и пред почетокот, а тоа го потврди со триумфот, 27-22 и предноста на полувреме, 13-12.

Веќе на самиот почеток на второто полувреме направивме серија со која дојдовме до водство од 17-12, и тоа беше период што се покажа како клучен. Искуството, добрата игра ни овозможи до самиот крај да го задржиме водството. Гостинскиот тим го имаше расположениот голман Даниловски кој одбрани доста топки, меѓу кои и два седмерци, и сигурно дека предноста за „црвено-црните" ќе беше и поизразена на крајот.

 

Вардар 1961 - Охрид 27-22 (13-12)

ВАРДАР: Тимур Дибиров 7, Гоце Георгиевски 3, Филип Талевски 3, Марко Вујин 2, димитар Димитриоски 2, Иван Чупиќ 2, Патрик Валчак 1, Стојанче Стоилов 1, Глеб Калараш 1, Анте Гаџа 1, Јосип Векиќ 1, Томислав Јагуриновски, Борко Ристовски, Давид Гашевски, Мартин Карапалевски, Кристијан Дисингер, Ронин Катагрел.

 

четврток, 13 август 2020 - 23:49