Вардар 1961 почна со подготовките за продолжението на сезоната

Без седуммина ракометари на првиот собир во 2021 година, тренерот Стевче Алушовски ги собра играчите и почна со подготовките за пролетниот дел од сезоната. Тимот го оечкува „пеколен" период особено во февруари кога треба да одигра седум натпревари од лигата на шампионите, плус усште два од СЕХА лигата, а на крајот од јануари исто така ќе одигра уште еден меч од СЕХА лигата. Лошиот период исполнет со неможност да се тренира и честото одложување на натпреварите сега би требало да остане зад нас, и сите очекуваме да бидеме подготвени за она што не очекува.

Стојанче Стоилов, Марко Мишевски, Филип Талески и Димитар Димитриоски ќе чекаат до последен момент дали ќе патуваат со репрезентацијата на Македонија на СП во Египет, а таму сигурно ќе играа Иван Чупиќ и Патрик Валчак. Нашиот бек Кристијан Дисингер би требало оваа недела да се приклучи на тимот откако не се најде на скратениот список на репрезентацијата на Германија.

Планирани се еден или два контролни натпревари во следниот период со домашни екипи, а потоа на крај на јануари следи дуелот од СЕХА лигата со Војводина.

„Конечно, по завршување на зимската пауза се собравме на подготовки за тоа што нѐ чека, а тоа е тешкиот месец февруари во кој имаме премногу натпревари и мислам дека тоа е нешто што мора да нѐ мотивира и да нѐ држи сплотени ако сакаме да ги оствариме сите цели кои ги имаме зацртано со Вардар. Едноставно, оваа пауза на сите добро ни дојде за да се рехабилитираме и да оздравиме од ситните повреди кои ги имаме. Имаме тежок распоред, во кој мораме да останеме фокусирани и цврсто на земја и да се обидеме да ги вратиме тие неколку меча, кои ни избегаа во првата полусезона и да направиме што е можно подобар резултат за Вардар, а тоа значи и повисок пласман на табелата, но и полесен противник во баражот. Нѐ очекува многу работа, фокус и концентрација. Ќе мислиме на успесите на Вардар и на ракометот во Македонија, вели Борко Ристовски, голманот на екипата.

Тренерот Алушовски во лседниот период ќе работи и на подобрување на физичката подготвеност, но и на тактичките замисли.

„ Пред стартот на новата полусезона можам да кажам дека имаме еден краток период за нас за подготовки за тоа што нѐ очекува во втората полусезона и густиот распоред во февруари. Во моментот од репрезентативните обврски ни недостигаат седум ракометари. Кристијан Дисингер се враќа в четврток, зашто нема да биде дел од германската репрезентација на СП. Нашите репрезентативци Стојанче Стоилов, Мишевски, Талески и Димитроски ќе отсуствуваат од подготовките. Сакам Македонија да игра на СП, но ќе бидам среќен ако ни се приклучат и тие на подготовките. Чупиќ и Патрик се двајцата ракометари кои ќе отсуствуваат до 28 јануари, па се надевам дека без двајца играчи ќе ги одработиме овие подготовки. За нас најважен меч е Порто и се надеваме на позитивен резултат, кој треба да биде импулс за остварување на нашите цели за оваа сезона. Имавме големи проблеми со ковид-19, се надевам дека тоа е зад нас и се надевам дека во следниот период ќе бидеме сите здрави. Се надевам дека ќе напредуваме од ден во ден. Ќе се потрудиме да ги освоиме првенството и Купот, вели Алушовски.

* Фото-галерија од првиот тренинг во 2021

Ракометарите на Вардар 1961 своите преостанати девет натпревари од групната фаза од ЕХФ лигата на шампионите ќе ги одигра во февруари и март. Во договор со клубовите и ЕХФ потврдени се осум термини, а единствениот натпревар за кој се уште нема датум е оној со ПСЖ во Скопје. За тој клубовите дополнително треба да се договорат.
Во првиот дел од сезоната Вардар 1961 одигра само половина од предвидените натпревари од ЕХФ лигата на шампионите. Наместо 10 одигравме пет меча.

„Во следниот месец имаме да одиграме дури 11 натпревари. Тоа ќе биде тешко затоа што имаме и патувања, како и подготовка за секој натпревар. Ќе биде пеколно и многу тешко, мора да бидеме максимално фокусирани. Секој ќе треба да даде атом повеќе од себе за да може да го оствариме тоа што е замислено. Најпрво сакам да размислувам позитивно и да очекувам дека овој состав ќе биде доволен да го издржи тоа, но нема да биде изненадување доколку пристигне барем еден ракометар во текот на полусезоната, во зависност од тоа дали можат да играат во Лигата на шампиони. Да бидам искрен, оптимист сум и среќен сум што се собираме по подолго време. Мислам дека најтешкиот период е зад нас и со позитивна мисла ги почнуваме подготовките, вели Алушовски.

Термини во групната фаза од ЕХФ лигата на шампионите

4 февруари - 20,45 ч.
Порто - Вардар 1961

9 февруари - 18,45 ч.
ПСЖ - Вардар 1961

11 февруари - 18,45 ч.
Флензбург - Вардар 1961

14 февруари - 18 ч.
Вардар 1961 - ПИК Сегед

18 февруари - 18,45
ПИК Сегед - Вардар 1961

21 февруари - 16 ч.
Вардар 1961 - Елверум

25 февруари - 18,45 ч.
Елверум - Вардар 1961

4 март - 18,45 ч.
Мешков - Вардар 1961

 

вторник, 12 јануари 2021 - 01:14