Tројца млади играчи добија шанса да се наметнат во првиот тим

Голманите Андреј Петковски (роден 2001) и Даниел Ставровски (1999) и бекот Марко Мишевски (1999) веќе се со тимот на подготовки во Словенија, а ќе патуваат и во Германија на првиот турнир на кој ќе игра Вардар пред почетокот на сезоната.

Откако Мартин Поповски се избори за стандардно место во првиот тим на Вардар, сега тројца нови млади ракометари добија шанса да се обидат да се наметнат кај тренерот Роберто Парондо и да добијат соодветна минутажа во сениорскиот тим на „црвено-црните". Голманите Андреј Петковски (роден 2001), и Даниел Ставровски (1999) и бекот Марко Мишевски (1999) веќе се со тимот на подготовки во Словенија, а ќе патуваат и во Германија на првиот турнир на кој ќе игра Вардар пред почетокот на сезоната.

Шанса требаше да добие и голманот Марко Кизиќ, но тој беше дел од младинската селекција што играше на Б првенството во Скопје, а сега се подготвува и за настап со кадетската репрезентација на Македонија во Грузија. Но, сигурно е дека во текот на сезоната Кизиќ ќе биде на тренинзите на вардарци.

„Секако ќе добијат шанса и помладите. Сакаме да видиме како ќе се вклопат во екипата и се разбира ако постои можност, но и подготвеност од нив може и да заиграат на некој натпревар. Сезоната е долга и секако ќе ни треба и поголем ростер на играчи, вели тренерот Парондо.

Најмладиот што сега е на подготовките во Словенија е Андреј Петковски. Голманските квалитети ги добил од неговиот татко Зоран Петковски кој многу години беше дел од тимот на Вардар.
„Ова е голема шанса за мене. Пред сѐ да можам да работам со првиот тим и да учам. Тоа засега ми е најважно. Ако има шанса би сакал да ја искористам, но тука сум првенствено да соберам искуство, вели Петковски.

Марко Мишевски лани настапуваше за тимот на Вардар јуниор. Беше дел и од репрезентацијата на Македонија што играше на Б европското првенство што се одржа во Скопје на кое нашите младинци се изборија се враќање во најдобрата дивизија.
„Уште лани ми најавија дека можеби ќе бидам дел од тренинзите на првиот тим. Тоа е голем предизвик за мене, но и чест. Ќе се обидам да се наметнам, иако свесен сум дека конкуренцијата во тимот е навистина голема. Секоја минута на тренинг и на терен е плус за мене и ќе дадам сѐ од себе да напредувам, вели Мишевски.

Беше дел од Вардар,  потоа замина во друг клуб, но сега Даниел Ставровски повторно се враќа во матичниот клуб. Ја користи шансата да тренира со првиот тим.
„Секој повик од прв тим е одговорност, предизвик и мотив. Сакам и треба тоа да го искористам, вели Ставровски.

Вардар до 9 август е на Крањска Гора во Словенија, а потоа заминува на турнир во Германија. На 18 август во Струга ќе го игра првиот натпревар во Македонија, од Супер купот против Металург.

 

петок, 3 август 2018 - 12:55