Триумф во Битола: Вардар на три чекори до 15. титула

Дербито во домашното првенство против Еурофарм Пелистер во Битола го добивме со 26-23, и сега Вардар е на три чекори до одбрана на титулата што би била 15-та во клупската историја. Направивме „рибрејк" и ги вративме бодовите што ги загубивме во Скопје. На три кола до крај на првенството Вардар има 23 бода, еден повеќе од Еурофарм Пелистер.

Сега остануваат уште три кола до крај во кои „црвено-црните" двапати се домаќини, против Еурофарм Пелистер 2 и Тиквеш, и гостуваат во Бутел. Потребни се три победи за одбрана на титулата.

Во клучните моменти од средбата во Битола вардарци ги реализираа своите шанси, а голманот Борко Ристовски одбрани важни топки за триумф. Полната сала во Битола беше сведок на одлична игра на Вардар, чии ракометари беа психични подготвени за атмосферата на трибините, но и за ривалот на паркетот.

Според очекувањата на стартот се играше гол за гол. Двете екипи се менуваа во водството, но ниту една не поведе со повеќе од два гола разлика, иако имаа и напади да го сторат тоа. Дибиров искористи еден отпадок за 6-7, а вардарци за првпат поведоа со плус два гола, 6-8 по 17 минути игра. Тоа значеше тајм-аут за домашниот стратег Жељко Бабиќ, кој не сакаше уште во раната фаза гостите да направат висока предност.

Пелистерци не го реализираа следниот напад, па Вардар казни за највисоки плус три, 6-9. Маркоски погоди за 8-10, а потоа Томовски запре зицер на домаќините. Одбиената топка дојде до пелистерци, кои преку Обрадовиќ стигнаа до минус еден, 9-10.

Секељ запре два напади на Вардар и неговите соиграчи веќе беа во напад за водство на минута и пол до крајот на полувремето. По тајм-аутот на Бабиќ, неговите играчи погрешија во нападот и Вардар тргна да го врати водството. Капитенот Стоилов не погоди од зицер, но затоа Обрадовиќ го направи тоа на спротивната страна од голема далечина за 11-11 на пауза.

На стартот на вториот дел Ристовски му запре пенал на Мандалиниќ, па Вардар ја врати предноста на своја страна, 12-14. Битолчани реализираа три пати по ред за 15-14, но Талески набрзина донесе реми, 15-15. Повторно почна играта гол за гол.

Секељ му запре пенал на Дибиров, но и неговите соиграчи погрешија, па Вардар одново водеше со плус два 19-21. Ристовски запре зицер на Маџовски, но вардарци не погодуваа, па Еурофарм Пелистер не само што стигна до реми, туку и поведе преку Граџан со 22-21 на седум минути до крајот.

Вардар на три минути до крајот преку Моралес зголеми на 22-24 и Бабиќ мораше да бара тајм-аут. Мандалиниќ погреши во следниот напад и „црвено-црниот" тим веќе беше на плус три, 22-25. Обрадовиќ набрзина намали на 23-25, но се повреди. Вардар погреши, но истото го направи и домаќинот, па немаше веќе дилеми околу победникот.

Кај вардарци најдобар стрелец беше Моралес со десет гола, Талески даде шест, додека Ристовски забележа осум одбрани. Секељ имаше 12 одбрани, а најдобар стрелец во Еурофарм Пелистер беше Обрадовиќ со пет, а Граџан даде четири.

недела, 1 мај 2022 - 23:12

Share on Facebook