Трилер, драма и среќен крај: Вардар по третпат во четвртфиналето на ЛШ

По третпат едноподруго ќе играме во четврт-финале на Лигата на шампионите, откако во реваншот во 1/8 финалето ја победивме Висла со 25-24. Наш следен ривал е Веспрем од Унгарија.

Во натпревар полн со пресврти, неизвеснот и игра на нерви до последните секунди, Вардар успеа да излезе како победник од „пеколтот" во СЦ „Јане Сандански". Трибините во еуфорија, играчите во прегратки и со подигнати раце го прославија новиот клупски успех. Ние сме првата и единствена македонска екипа која три сезони по ред се пласира меѓу Топ-8 екипи во ЛШ во Европа.

Арпад Штербик во последната минута при резултат 25-24 одбрани зицер на Иван Никчевиќ од шест метри со што ги откажа гостите во намерата да има уште понеизвесна завршница. Тогаш почна и славјето на клупата и ерупцијата на трибините. Веќе беше познато дека Вардар е четвртфиналист, зашто и реми значеше наше минување во следната фаза, со оглед на тоа што на првиот натпревар во Полска одигравме реми 30-30, па ќе имавме повеќе постигнати голови во гости.

Се тргна добро на натпреварот, Арпад Штербик покажа дека е расположен, а нападот си ги реализираше укажаните шанси. Во прилог ни одеше и црвениот картон на Тиаго Роча кој по еден старт над Карачиќ беше испратен на трибините. Имавме постојано водство од 1-2 гола. Полјаците немаа што да загубат, зашто и тие играа за победа. Кај нив немаше толкав притисок па тие и полесни ги реализираат укажаните шанси. Во 20 минута израмнија на 9-9 што беше знак дека Раул Гонзалез мора да бара тајм аут. Тој вроди само делумно плод, зашто по наши грешки Полјаците од контри имаа водство 11-12. И повторно тај аут. Се вративме во игра со 13-13, а тогаш останавме со четири играчи во поле. Прво Карачиќ доби исклучување, а потоа и Илија Абутовиќ кој заработи црвен картон по стартот врз Житникот. Тоа не чинеше два примени гола, па на полувреме отидовме со негатива од 13-15.

Тоа водство на гостите се провлекуваше во поголемиот дел од второто полувреме. Многу лесно поентираа, а ние понекогаш и прелесно грешевме. Почетокот на пресвртот беше во 38 минута кога Петре Ангелов одбрани пенал недоволувајќи му н апротивнкот на „избега" на плус 3. Полека реализиравме прво за изедначување, 19-19, а потоа и за водство 21-20. Но, гостите беа подготвени да понудат интересна завршница па повторно на наши грешки поведоа со 21-23 во 48 минута,
Последните десет минути понудија „драма и трилер" кој заврши со среќен крај. Израмнивме на 23-23, а потоа Висла поведе 23-24. Еден од главните јунаци н амечот, Алем Тоскиќ кој имаше реализација 8/8 постигна гол. За момент се разочара публиката кога Карачиќ промаши пенбал, но потоа Дибиров донесе нов дилириум, водство 25-24. Потоа на сцена стапи Штербик со три одбрани за три минути, најважната во последна минута, за наша нова радост.

Наш противник во четвртфиналето ќе биде Веспрем, а првиот меч го играме во Скопје.

Вардар - Висла 25-24 (13-15)
Вардар: Штербик (17 одбрани), Ангелов (1 одбранет пенал), Милиќ, Стоилов, Брумен 2, Тоскиќ 8, Манасков, Македа, Карачиќ 4, Душебаев 4, Абутовиќ, Циндриќ 3, Дибиров 2, Горбок, Шишкарев 2, Марсениќ.

Висла: Коралес 1, Вихари, Дашек 3, Де Толедо 3, Јонеа 5, Квјатковски, Монторо Кабелјо, Никчевиќ 3, Пушица, Ракотеа, Роча, Тарабокја, Вишњевски 2, Житников 7.

 

сабота, 26 март 2016 - 20:23