Талески со „бомба“ во последни секунди за 15. Куп титула на Вардар

Филип Талески со гол од девете метри во последните секунди од мечот му донесе победа на Вардар од 23-22 против Еурофарм Пелистер во финалето на Купот на Македонија. За „црвено-црните" ова е рекордна 15. титула во 29. финале од македонскиот Куп.
Освен што му донесе победа на Вардар, нашите ракометари ги освоија и индивидуланите титули. Талески беше прогласен и за МВП на завршниот турнир од Ф4 и плус најдобар стрелец со 15 постигнати гола на двата натпревари. Голманот Мартин Томовски е најдобриот голман на Ф4 турнирот.

Вардар покажа карактер, мотив и покрај резултатската негатива што ја имаше во текот на натпреварот понуди драматична завршница и пресврт со кој го одбрани трофејот.
Гостинскиот голман Секељ одбрани упатена топка на Кевин Њокас на стартот на последната минута, но и битолчани згрешија на дваесетина секунди до крајот, откако имаа погрешно додавање. По тајм-аутот на тренерот Дејвис, последниот шут го имаше Филип Талески. Неговиот топовски шут од 9 метри беше неодбранлив за битолскиот голман. Вардар триумфираше и почна славјето на терен и на трибините.

Во првите десетина минути се играше гол за гол, до 4-4, пред Вардар да поведе со два гола, 6-4 преку Талески и Георгиевски. Вардар знаеше да ги казни сите грешки на ривалот и веќе беше 8-4 во 17 минута. Се насетуваше дека трофејот ќе остане во витрините на Вардар, иако имаше уште доста за играње.

Имаа нашите ракометари шанса за плус пет гола разлика, но не беше реализирана. Битолчани го возвратија ударот и ги казнија сите „црвено-црни" грешки за 8-8 по голот од контранапад на Маџовски. Вардар падна во криза, не успеваше да реализира а тоа го користеа противничките играчи кои полека ја зголемуваа предноста.

Вардар никако не знаеше да го пронајде патот до мрежата на Секељ, кој редеше одбрани, а неговите соиграчи погодуваа во нападот и на пауза Еурофарм Пелистер води со 8-12. Паузата меѓу двете полувремиња траеше подолго од вообичаено поради прекинот што го предизвикаа навивачките групи со фрлањето предмети на теренот.

На стартот на вториот дел веќе беше 9-14, а битолчани лесно ја одржуваа разликата. Беше 11-16, пред Вардар да врзат два гола во серија и по 40 минути игра беше 13-16. Граџан врати плус четири за Еурофарм Пелистер 13-17, а по грешката на вардарци, повторно беа во негатива од пет гола, 13-18.

Секељ запре пенал на Ѓукиќ, но одбиената топка се одби до вардарецот и погоди за 15-19. Беше и 16-20, битолчани имаа напад, се обидоа да завршат со цепелин, но Томовски беше поуспешен во дуелот со Божиќ Павлетиќ. Еурофарм Пелистер промаши два напади во серија, а Вардар ги казни, намали на 18-20 и најави возбудувања во финишот.

Дибиров можеше да донесе минус еден, но Секељ му го одбрани ударот. Тоа се случи на пет минути до крајот кога реализирааа вардарци за 20-21. Обрадовиќ набрзина врати и Еурофарм Пелистер водеше со 20-22. „Црвено-црните" згрешија, но истото се случи и на спротивната страна.

Капитенот Стоилов стрелаше за 21-22, а Дибиров ја казни грешката на битолчани и мораше се да почне од нула на три минути до крајот, 22-22. Бабиќ бараше тајм-аут, но неговите играчи не погодија, а Томовски одбрани и Вардар тргна во напад за водство.

Секељ му одбрани на Њокас и на стартот на последната минута, но и битолчани згрешија на дваесетина секунди до крајот. По тајм-аутот на Дејвис, Талески го упати последниот шут, погоди и почна славјето на Вардар.


* ФОТО-ГАЛЕРИЈА ОД ФИНАЛЕТО НА КУПОТ

 

Давид Дејвис - тренер на Вардар

„Одигравме одличен натпревар за уживање и двата тима. Тие водеа на полувреме и во вториот дел имаа предност. Сите може да уживаат во овој ракомет кој го играме ние и Еурофарм Пелистер. На крајот ние бевме посреќни и затоа победивме. Клучно во мечот беше тоа што верувавме и кога имавме негатива од пет гола. На крајот морам да кажам дека оваа екипа има „кохонес".

Тимур Дибиров - играч на Вардар

„Секој натпревар е посебна приказна. Знаевме дека ќе биде многу тешко, бидејќи секој меч има нешто посебно. Имаме едно ривалство со Еурофарм Пелистер и секој меч е непредвидлив. Среќата беше на наша страна на крајот од мечот. Тимот од Битола направил голема работа и им честитам. Горд сум на моите момци и стручниот штаб што извлековме нов тежок натпревар. На крајот важно дека победивме. Ривалството меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер е одлично за македонскиот ракомет.

 

недела, 15 мај 2022 - 23:40

Share on Facebook