Сребро за пионерите на Вардар на предновогодишниот турнир во Белград

Во конкуренција на 20 екипи од регионот, пионерите на Вардар го освоија второто место на турнирот „Трофејот на Белград", што од 27 до 29 декември се одржа во Белград, Србија. Тренерот на машката пионерска селекција Зоран Петковски е задоволен од настапот на младите ракометари зашто во нив гледа квалитет што може да продолжи да се развива и во професионални ракометари. Младиот вардаровец Иле Табаков беше прогласен за најдобар асистент во неговата категорија.

Двете екипи на Вардар, кои се натпреваруваа во машка и женска конкуренција во категоријата родени 2004 година, се вратија триумфално. Девојките како шампиони на турнирот во нивната генерација, и сите со бројни индивидуални признанија.
Тренерот на машката пионерска селекција Зоран Петковски е задоволен од настапот на младите ракометари во Белград.

„Она што го планиравме успешно го реализиравме на турнирите на кои учествувавме, како во Белград, така и во Скопје. Во конкуренција на тимови од Словенија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија, ние од Македонија имавме презентација на одличен ракомет и покажавме добра игра. Во Белград на претпоследниот натпревар против Вараждин се повредија неколку играчи и не можевме да очекуваме од нив да се појават на финалниот натпревар. Но, презадоволен сум од она што го покажаа момчињата, имаме материјал да продолжиме да работиме со нив, и очекувам квалитетот да се покаже и на машкото национално првенство во вториот дел од сезоната. Искуството кое се стекнува на ваквите турнири е одлично и се надеваме дека ќе имаме можност да одиграме уште некој турнир до крајот на сезонава", вели тренерот Зоран Петковски.

Селекцијата пред сѐ е составена од момчиња кои почетоците во ракометот ги имаа под закрилата на Ракометната академија Вардар и првите поголеми натпревари ги одиграа во нашата Вардар Јуниор лига.

„Децата преку Вардар Јуниор лигата добија квалитет плус зашто натпреварите се непроценливо искуство и одличен показател до каде сме стигнале со екипата. Имаме стратегија и план како да продолжиме да работиме со овие деца, од кои многумина имаат потенцијал да израснат во квалитетни ракометари кои професионално ќе се занимаваат со ракомет. Ние имаме деца кои го сакаат ракометот и живеат за ракометот", дополнува Петковски.

Првото место во категоријата момчиња 2004 година во Белград го освои Студентски град, чија екипа во финалето имаше подобра среќа од нашите млади ракометари. Натпреварот на Вардар со Студентски град заврши со 10 : 24, што всушност беше и првиот натпревар на турнирот на кој ние немавме победа и ни го донесе второто место.

Во полуфиналето игравме против екипата на Вараждин и победивме со 19 : 13.

Иле Табаков беше прогласен за најдобар асистент во неговата категорија.

Одличната игра на вардарци се забележа уште на првиот ден од турнирот со победите против екипите на Вождовац и на Рибница. Во групната фаза сите натпревари ги одигравме со победа со што се пласиравме на првото место во групата Д, пред Вождовац и Шрам.
Ова се и резултатите од натпреварите во групната фаза:
ВАРДАР - Вождовац 10 : 9
ВАРДАР – Рибница 22 : 12.
ВАРДАР – Шрам 14 : 10
ВАРДАР – Партизан 14 : 12

понеделник, 31 декември 2018 - 13:13