Со турнирот во Требиње почнува брусење на формата

Утре петок, во 15 часот ќе играме со Борац Бања Лука, а потоа од 21 часот се среќаваме со домаќинот Леотар.

По двонеделни подготовки првенствено на полнење на батериите и за подобра физичка подготвеност ракометарите на Вардар почнуваат и со контролни натпревари преку кои треба да се темпира формата за почетокот на СЕХА Газпром лигата и за ЕХФ Лигата на шампионите. Додека се наоѓаат на подготовки во Требиње вардарци ќе играат на турнир и ќе имаат и три контролни средби.

Во комплексот „Град Сунца" покрај Вардар ќе пристигнат уште пет други екипи: Борац Бања Лука, Леотар Требиње, Металопластика, Бутан Изола и Извиѓач. Се игра во три дена, по два натпревари во група и плус уште еден меч за пласман.

Вардар е во група со Борац Бања Лука и со домаќинот Леотар. Ние нашите средби ќе ги играме утре (петок), а во сабота ќе бидеме слободни. Потоа во недела се играат средбите за пласман. До 12 август сме во Требиње, а потоа се враќаме во Скопје.

Утре петок, во 15 часот ќе играме со Борац Бања Лука, а потоа од 21 часот се среќаваме со домаќинот Леотар.

Домаќинот на турнирот е особено задоволен што на своето второ издание на овој турнир го има актуелниот европски првак. Пехарот освоен во Келн е особено интересен за сите посетители кои сакаат да имаат фотографија со него и со ракометарите.

Турнирот треба да биде прв воигрување на новите ракометари кои пристигнаа сезонава во Вардар. Единствено во Требиње ги нема Марко Кизиќ и Ален Ќосевски кој настапуваат за кадетската репрезентација на СП што се одржува во Скопје. Но, со тимот се Дејан Кукуловски, Васко Гогов и Давиод Гашовски од вториот на Вардар кои добија шанса да ги изработат подготовките со сениорскиот тим.

Вардар на крајот од месецов ќе патува за Саудиска Арабија каде ќе настапува на Супер Глоуб. На почетокот на септември почнуваат натпреварите од СЕХА Газпром лигата а на средината на септември и ЕХФ Лигата на шампионите.

четврток, 8 август 2019 - 16:34