Со триумф го запечативме пласманот во осминафиналето

По осми пат сезонава се радувавме на победа во групната фаза од Лигата на шампионите откако пред домашна публика го победивме Монпелје со 34-26 (17-17), осигурувајќи го најмалку четвртото место во групата. Одигравме одлични воведни и завршни минути во кои ја потврдивме нашата супериорност и подготвеност за искушенијата кои што не очекуваат овој месец.

Но, освен загаранираното четврто место многу веројатно е дека вечерва можеби ќе се искачиме и нешто погоре. Сега ќе чекаме Рајн Некар да не победи кај Барселона и потоа ќе го освоиме третото место, но истовремено ќе го дознаеме и идниот ривал, полски Висла Плоцк. Ако, пак, се случи чудо во „Блауграна", Вардар не може да падне подолу од четвртото место, кое го носи во дуел со ППД Загреб во осминафиналето. Тоа се двете опции кои не очекуваат.

И пред натпреварот бевме фаворити, а тоа го покажавме веќе во воведните минути. По 15 минути игра имавме водство од 11-6, по што се чинеше дека ривалот е „скршен", а ние лесно ќе си ги впишеме планираните бодови. Наместо мирна завршница, влеговме во немирни води, на наши грешки, противничка добра игра и расположен голман на спротивната страна. Од „плус 5" резултатот дојде на 14-14 во 25 минута, па во последните минути сепак имавме „мирна рака" за реми, 17-17.

Ни требаа осум минути во вториот дел за да се освестиме, зашто во 39 минута Монпелје првпат на натпреварот поведе, 21-20. Тоа беше сигнал дека нешто мора да се смени, да почне и одбраната да ги сопира противничките напади, а во напад секоја шанса да се искористи. Почна и Страхиња Милиќ да влегува во елемент, а по неколкуте грешки на Монплје брзо направивме предност од 27-23 во 49 минута.
Се разбудија сите, Вардар играње повторно како по ноти, и секоја акција значеше и погодок. Монпелје веќе немаше надежи за пресврт или изненадување.

Вардар - Монпелје 34-26 (17-17)
Вардар: Милиќ, Ангелов, Стоилов, Брумен 1, Тоскиќ 1, Манасков 7, Македа 3, Карачиќ 5, Душебаев 7, Абутовиќ, Лазаров 3, Циндриќ 1, Дибиров 1, Горбок 1, Шишкарев 4, Марсениќ.
Монпелје: Анкетил 3, Симонет 2, Туоми, Доленец 4, Беласен, Естеки, Сифер, Коста 2, Боргас 2, Габер, Кавтичник 2, Бонефон, Вилемин 5, Гајиќ 6.

сабота, 5 март 2016 - 19:45