Со реми ја почнавме сезоната во СЕХА лигата

Натпреварите меѓу Вардар и Мешков секогаш изобилувале со неизвесност, па истото се случи и овојпат. Две секунди не делеа од победата, а Мешков израмни од пенал во последната секунда за реми 34-34.

Дуелот со Мешков покажа дека во новата сезона во СЕХА Газпром лигата секој натпревар ќе биде полна со трилер завршници. Вардар во последните десет минути од мечот имаше водство и иницијатива, и пропуштивме со победа да ја израдуваме публиката. Кога Лука Циндриќ погоди за водство 33-30 во 58 минута многумина помислија дека трите бода остануваат во Скопје.

Поради наши грешки и не реализирани напади Разгор и Криштопанс погодија и донесова неизвесност бидејќи во последната минута се влезе со израмнет резултат 33-33. Откако тренерот Раул Гонзалез побара тајм аут се договори како ќе се игра во последниот напад. Лука Циндрич погоди на три секунди до крај за водство 34-33 и за радост на нашата клупа.
Но, судиите покажаа пенал за Мешков бидејќи Стојанче Стоилов направи прекршок на самиот центар недозволувајќи гостите да изведат брз центар.
Радоста од трибините се спушти на теренот, но сега кај играчите на Мешков откако Растко Стојковиќ од пенал израмни на 34-34 за освојување на бод.

Вардар успеа во второто полувреме за 13 минути да ја анулира предноста на Мешков израмнувајќи на 23-23. Потоа Вардар го наметна темпото иако Мешков направи ново одлепување, 23-25. Од тој момент Вардар се разбуди и брзо прво израмни а потоа и поведе.

Почетокот на натпреварот му припадна на Арпад Штербик кој имаше шест успешни одбрани за 10 минути играње. Вардар прв поведе со голот на Тимур Дибиров, а Мешков брзо возврати со серија од два гола. Илија Абутовиќ во 9 минута израмни на 4-4 воспоставувајќи каква-таква рамнотежа. Но, гостите повторно направија серија и поведоа со 4-6 а потоа и со 6-9. Имавме проблеми во нападот да ја пробиеме висока зона на гостите, а во одбрана примивме и некои „лесни" голови што противничките играчи ни ги „продадоа со финти". Во овој период Иман Џамали си направи серија од 4/4 со што Мешков ја одржуваше предноста.
Вардар ја продолжи својата игра и во 22 минута преку Тимур Дибиров намаливме на 11-12. Тоа беше знак за гостинскиот тренер Сергеј Бебешко да побара тајм аут и да подели некој совет. Тоа вроди со плод и Мешков поведе со 11-14. Играчите на Мешков полесно наоѓаа пат до голот на Штербик, а нашите напаѓачи некако се мачеа со високата зона на Белорусите. Пред самиот крај на полувремето Мешков ја имаше и највисоката предност од 14-18, откако Тјуменцев постигна два гола по ред. Дибиров од пенал намали на 15-18.

Вардар - Мешков Брест (15-18)
Вардар: Штербик (одбрани 11 топки), Стоилов 1, Милиќ, Рожерио 1, Деревен, Карачиќ, Душебаев 4, Абутовиќ 1, Кањељас 6, Циндриќ 5, Дибиров 9, Шишкарев 2, Борозан 2, Марсениќ 3, Недановски, Поповски.
Мешков Брест: Пешиќ (одбрани 12 топки), Рутенка 2, Бабичев 2, Криштопанс 5, Никуленко 2, Стојковиќ 6, Тјуменцев 4, Атман 3, Чарапенка, Шумак, Вукиќ, Продановиќ 2, Мијатовиќ (одбрани три топки и седмерец), Разгор 2, Остроушко, Џамали 5.

вторник, 30 август 2016 - 22:36