Со мечот против Нексе ја почнуваме 2022

Со натпреварот против Нексе од Хрватска што е на програмата утре (петок - 4 февруари 2022) Вардар1961 ги почнува натпреварите од новата сезона на СЕХА Газпром лигата. Исто како и лани, мечевите од СЕХА Газпром лигата ќе се играат во групи, а „црвено-црните" се во група заедно со Нексе, Војводина и Мотор Запрожје. Се играат по два натпревари, а потоа продолжуваат мечевите за пласман во четвртфиналето и потоа и на Ф4 турнирот.

Вардар во 2022 година влегува со нов тренер, по враќањето на Давид Дејвис кој седнува на клупата на македонскиот шампион. На стручниот штаб се приклучи и Венио Лосерт како тренер на голманите. Тимот во јануари тренираше во Скопје, а по враќањето на сите репрезентативци од ЕП, само неколку денови во комплетен состав.

Дуелот со Металург требаше да биде генерална проба пред почетокот на СЕХА Газпром лигата, но истиот беше одложен.

Средбата против Нексе е закажана за петок од 18 часот во СЦ „Јане Сандански"

Давид Дејвис - тренер на Вардар1961
Со натпреварот против Нексе ја отвораме оваа 2022 година, и почнуваме со навистина тежок ривал, што го респектираме. Нексе секогаш имал добар тим, и тренер кој навистина го ценам. Нам ни треба секако повеќе време за да бидеме подобро подготвени, бидејќи откако дојдов немавме тренинг со целата екипа. Поради настап на ЕП ни недостасуваа повеќе играчи, и само неколку денови бевме комплетни. Но, секако се надевам ќе одиграме добро.

Мартин Томовски - голман на Вардар1961
Нексе секогаш бил тим што играл добро против Вардар. Знам дека и сега тие ќе бидат исто така конкурентни. Имаат многу хрватски играчи и секако подолго време се заедно. Но, Вардар секогаш играл на максимум, па така и сега. Ние сме подготвени максимално за ова што не очекува сезонава во СЕХА лигата.

 

четврток, 3 февруари 2022 - 19:04

Share on Facebook