Со две победи против Металопластика потврдено местото во четврт-финалето на СЕХА

Вардар со победа го потврди местото во четврт-финалето на СЕХА Газпром лигата откако и на вториот меч против Металопластика победи, овојпат со 26-23 (14-11). Вардар1961 беше подобар од Металопластика и на првиот меч кога триумфираше со 39-31.

Во четвртфиналето Вардар1961 ќе игра против ППД Загреб во средината на август.

И вториот меч меѓу Вардар и Металопластика, домашните ракометари тргнаа лошо од почетокот. Тренерот Алушовски реши да им даде шанса на играчите кои имаат помала минутажа, но имаа лошо отворање на средбата. Тргнаа со 0:2, а првиот погодок беше дело на Валчак во 6. минута. После 13 минути игра тимот на Вардар имаше резултат од 1:7 што беше навистина лошо отворање и мораше веднаш да се реагира.

Првото израмнување дојде во 28. минута кога резултатот беше 11:11, а потоа за две минути следуваа три гола за на одмор да се замине со резултат од 14:11. Вардар имаше три гола предност кои најавуваа нова победа, но мораше да се одработи сериозно до крајот на средбата и не смееше да се дозволи опуштање.

И во вториот дел имаше комбинирање со составот, па тоа беше причина да нема поголема предност од четири гола. Главно се чуваше предноста која изнесуваше три или четири гола. Сепак, вчерашните осум погодоци позитива беа причина да може да се игра мирно и да нема опасност за пласманот во четврт-финалето.

 

Најдобри стрелци кај Вардар беа Шеваљевиќ и Дибиров со по пет гола, а Кизиќ на последниот дуел во „црвено-црниот" дрес собра 16 одбрани.

Играчите што заминуваат од Вардар и го одиграа последниот натпревар за „црвено-црните“ добија подароци.

вторник, 8 јуни 2021 - 23:53

Share on Facebook