Словенецот Сташ Скубе е нов член на Вардар

Во следните три сезони нов член на Вардар ќе биде словенечкиот плејмејкер Сташ Скубе.

Скубе доаѓа во Скопје како актуелен првак на Унгарија. Тој беше еден од клучните играчи на ПИК Сегед во освојувањето на шампионската титула на клубот во Унгарија запирајќи ја доминацијата на Вепрем.
Иако е висок 176 см. го вбројуваат меѓу најдобрите плејмејкери во Словенија, споредувајќи го со најдобрите светски играчи на таа позиција. Со неговото потпишување Вардар ќе има брз напад и ќе добие играч што е особено опасен во играта „еден на еден" и знае како да ја пробие противничката одбрана.

Вардар ќе биде втор клуб во неговата интернационална кариера. Претходно две сезони настапуваше за ПИК Сегед каде сега ја освои титулата, а претходно три сезони (2013-2016) беше дел од тимот на Горење Велење. Потекнува од ракометната школа на Требње каде дебитираше во 2000 година со 16 години.

„ Вардар го избрав затоа што е еден од најдобрите екипи во Европа. Среќен сум што ќе бидам дел од голем тим. Очекувам многу, значи ќе се обидеме да стигнеме до самата завршница во сите натпреварувања. Мислам дека ќе бидеме добра екипа, и едвај чекам сѐ да почне“, изјави Сташ Скубе.

Со репрезентацијата на Словенија го освои бронзениот медал на СП за играчи до 21 година во 2009 година. За сениорската репрезентација на Словенија има одиграно 17 натпревари и постигнато 32 гола.

Словенецот сезонава во Лига на шампионите постигна 34 гола, а на натпреварите против Вардар даде вкупно седум. Лани за ПИК Сегед постигна 52 гола во ЛШ.

„Вардар продолжува да ангажира врвни играчи на позициите за кои смета дека тоа е потребно. Скубе е играч кој веруваме дека ќе донесе нов квалитет во играта на Вардар во иднина. Со своите настапи се докажа како играч за кого во иднина многу ќе се зборува. Задоволни сме што тој одбра својата кариера да ја продолжи во Вардар и заедно да продолжиме по победничките патеки. Ова е само почеток на создавањето на нов шампионски тим на Вардар“, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Сезонава Вардар како европски првак успеа да се пласира на Ф4 турнирот и да биде единствениот тим што не е од Франција на турнирот. Во конкуренција на Монпелје, Нант и ПСЖ и во крајно неизвесни натпревари „црвено-црните" го освоија четвртото место.
Вардар пет сезони по ред е меѓу топ екипите во Лига на шампионите. Две сезони по ред е меѓу четирите најдобри и лани стана европски првак.
Вардар е најуспешниот машки клуб во Македонија со 12 титули, 13 куп трофеи и 1 супер куп. Еднаш беше првак на Европа и уште четири пати ја освојуваше СЕХА Газпром лигата.

 

четврток, 28 јуни 2018 - 09:51