Скубе: Вардар е квалитетен и јак - само да нѐ послужи здравјето

Новата 2020 година официјално е отворена од страна на ракометарите на Вардар кои ја имаа првата прозивка во СЦ „Јане Сандански". Дел од играчите недостасуваа на првиот тренинг поради обврските со своите репрезентации на ЕП. Оние што се појавија си посакаа меѓусебе многу здравје, зашто тоа е најважно за да може да се подготвуваш за она што претстои.

„Би рекол дека навистина имавме проблеми во ноември и декември, затоа и имавме малку полоши резултати. Се надевам дека сите од ЕП ќе се вратат здрави и конечно да одиграме некои натпревари комплетни. Јас и натаму тврдам дека Вардар е квалитетен и јак, и може да има добри резултати. Можеби немаме многу играчи за ротација и толку квалитеtни, но и лани беше слично па стигнавме до финалето. Секогаш сум оптимист и само да бидеме здрави“, вели Сташ Скубе.

Првиот тренинг во 2020 беше и прв за тренерот Стевче Алушовски кој по 10 години повторно е дел од „црвено-црните". Сега на клупата како прв стратег.

„Среќен сум што сум дел од Вардар, како европски шампион. Спомените се тука. Малку е изменет амбиентот кога јас играв и сега со овој спортски објект, и со она што го има освоено клубот. Среќен сум што ќе работам со оваа група на луѓе што се победници. Треба да се запознаеме, едно е гледање на натпревари, друго е на тренинг. Секој што ќе заслужи и ќе покаже на тренинг ќе добие шанса. Имаме 30 натпревари и ќе треба доста да ротираме и да се чуваме за најважните натпревари“, вели Алушовски.

Вардар сезонава брани три трофеи, во домашното првенство, СЕХА Газпром лигата и во ЕХФ лигата на шампионите.
Првиот што ќе треба да се одбрани е оној во СЕХА лигата. "Црвено-црните" директно се пласираа во четвртфиналната фаза и таму го чекаат победникот од дуелот меѓу Еурофарм Работник и Нексе. Ф4 турнирот во СЕХА би требало да се игра на почетокот на април.

Во ЕХФ лигата на шампионите Вардар сигурно ќе игра во осминафиналето, и има уште да се одиграат уште четири кола од регуларниот дел. Потоа во зависност од пласманот ќе го добиеме противникот во Топ-16 фазата.

Во март би требало да почне и плејофот во домашното првенство каде Вардар и Еурофарм Работник се приклучуваат на најдобрата четворка од домашното првенство. И тука во регуларниот дел има да се одиграат уште четири кола.

 

понеделник, 13 јануари 2020 - 15:35