Сите рекорди на Вардар сезонава во СЕХА лигата

„Црвено-црните" првпат во регуларен дел завршуваат на првото место. Првпат освојуваат 47 бода и првпат имаат само еден пораз. Вардар е еден од двата тима што обезбедил пласман на сите досегашни Ф4 турнири досега. Единствен тим што освои бод на гостински терен кај Веспрем. Сезонава имаме просек од 33 постигнати и 28 примени голови по натпревар.

Првпат откако Вардар се натпреварува во регионалната СЕХА Газпром лига по завршување на регионалниот дел ние сме на првото место. Откако е воспоставен системот со 10 екпи и 18 кола во регуларен ден, Вардар првпат освојува 47 бодови, што е наш клупски рекорд и го повторивме успехот од пред две сезони кога исто така имавме 15 победи.

„Црвено-црните" се еден од трите тимови што имаат настапувано во сите досегашни сезони на регионалното натпреварување. Тоа единствено им успеало само уште на ППД Загреб и Нексе. Вардар е еден од двата тима во лигата што исто така обезбедил пласман на сите завршни турнири, Ф4 што досега се одржувале и еден од двата тима што имаат по два триумфа, заедно со Веспрем.

Досега најголемиот успех по регуларниот дел од сезоната ни било освојување на второто место, и тоа во три наврати, и уште двапати сме биле третопласирани. Сезонава Вардар само еднаш беше поразен, на гостувањето во Загреб во 14 коло. Дотогаш имавме серија од 13 натпревари без пораз и 10 победи по ред во СЕХА лигата.
Најмногу голови постигнавме на дуелите со Извиѓач (42) и со целје и Горење (по 40). Најдобра одбрана имавме против Татран (примивме 21 гол) и против Веспрем (22 гола)

Имаме просек од 33 постигнати гола по натпревар, и 28 примени голови, што е за нијанса послабо од лани, но сега освоивме три бода повеќе од лани. Најдобра стрелец во тимот е Тимур дибиров со 74 гола, од 14 натпревари, а потоа следуваат Лука Циндриќ со 52 гола (15 натпревари) и Игор Карачиќ со 48 гола (14 натпревари).

Сезонава бевме единствениот тим што успеа да му земе бод на Веспрем, актуелниот двоен победник на СЕХА на гостински терен во Унгарија, и прва екипа што двапати за три сезони триумфирала над Веспрем.

Сега останува да го почекаме и последниот меч од регуларниот дел од сезоната, меѓу ППД Загреб и Мешков, што треба да се игра утре во Загреб. Во зависност од тој исход ќе го добиеме и нашиот ривал во полуфиналето на Ф4 турнирот, односно тоа ќе биде екипата што ќе биде четвртопласирана.
Во моментов ППД Загреб е на 3. место со 34 бода, Целје има 33, а Мешков 32 бода. Доколку победи ППД Загреб, тогаш наш ривал ќе биде Мешков. Во случај на реми, Мешков и Целје ќе имаат ис број бодови, но Мешков ќе се пласира на Ф4 и ќе биде четвртопласиран. Ако триумфираат гостите од Белорусија, тогаш Мешков ќе заврши како тертопласиран, а ППД Загреб е четврти и тие ќе ни бидат ривали на Ф4 турнирот во полуфиналето.

 

среда, 15 март 2017 - 10:36