Шишкарев: Имавме една грешка повеќе на крајот и тоа пресуди

Вардар за четири дена одигра два тешки натпревари, и по трумфот над Монпелје беше тешко да се одигра на исто ниво, особено кога веќе сме сигурни учесници на Ф4 турнирот, и поради повреда недостасуваат три важни играчи во тимот. Мешков триумфираше во Скопје, 32-30 што беше трет пораз за „црвено-црните" сезонава во СЕХА лигата.

Сега остануваат уште две гостувања кај Нексе и кај Извиѓач по што ќе се знае и кој ќе ни биде ривалот во полуфиналето на Ф4 турнирот во СЕХА лигата.

Роберто Парондо - тренер на Вардар
„Мешков Брест е квалитетна екипа која денеска играше со голем интензитет. Противникот ја посакуваше победа бидејќи му беше максимално потребна, а ние не одигравме како што требаше. Тешко е да се одиграат два натпревари со ист ритам и приод како против Монпелје. Сега треба да се подготвиме за следните средби и да се фокусираме за следниот период во кој ни следуваат тешки натпревари. Ова не беше толку лош пораз за нас, а ние бевме пласирани на Ф4 турнирот во СЕХА".

Даниил Шишкарев - играч на Вардар
„Беше тешко да се игра на ваква средба после дуелот против Монпелје. Ни беше тешко да се подготвиме за овој натпревар бидејќи ние веќе бевме на Ф4-турнирот. Мешков Брест дојде со многу желба и играше силно во текот на сите 60 минути бидејќи победата денеска им беше максимално потребна. Ние се трудевме до крајот од мечот, но имавме една грешка повеќе на крајот и тоа пресуди за да го загубиме овој натпревар".

 

 

Маноло Каденас - тренер на Мешков
„Дојдовме во Скопје за да освоиме три бода. Ни требаа овие бодови и затоа игравме интензивно во текот на сите 60 минути. Вардар беше подобар во финишот од средбата, но ние успеавме да се вратиме во мечот и да се избориме за победата. Задоволен сум поради тоа што успеавме да ги обезбедиме бодовите бидејќи ни се многу важни и веројатно не носат на Ф4 турнирот".

Иван Пешиќ - играч на Мешков
„Одигравме многу добар натпревар против Вардар. Во текот на сите 60 минути се боревме и одигравме многу храбро без клучните ракометари Хорак, Шкурински и Обрановиќ. Овие бодови ни беа максимално потребни и тоа го покажавме на теренот со добра игра. Горд сум на тимот бидејќи во клучните моменти покажавме карактер и дојдоавме до триумф. Имавме грешки од кои мораме да извлечеме поука и кои не смееме да ги повториме на следните натпревари особено против Флензбург во осминафиналето од Лигата на шампионите".

вторник, 5 март 2019 - 19:39