Сергеј Горбок се враќа во Вардар

Рускиот интернационалец Сергеј Горбок во следните две сезони ќе го носи дресот на Вардар. Откако ја освои титулата во Унгарија со екипата на ПИК Сегед, сега левиот бек повторно ќе го носи „црвено-црниот" дрес.

Тој е вториот играч од шампионскиот тим на ПИК Сегед што доаѓа во Скопје, по средниот бек Сташ Скубе кој потпиша тригодишен договор со клубот.
Договорот со десноракиот играч на руската репрезентација, Сергеј Горбок е постигнат до јуни 2020 година. Горбок ќе игра на позицијата лев бек заедно со Вуко Борозан и треба да бидат уште поубиствен танден кој ќе постигнува голови.

Со своето големо интернационално искуство се очекува Горбох да внесе уште поголема смиреност и прецизност во играта, особено во нападот. Играњето во „црвено-црниот" дрес нема да му биде ништо ново со оглед на тоа што и претходно настапуваше во „Јане Сандански".

Покрај во Вардар и во ПИК Сегед, Горбок има настапувано и за екипите на Аркатрон Минск, Запорожје, Целје, Рајн Некар и Чеховски Медведи.
За овие клубови има освојувано многу медали и трофеи. Бил шампион на Белорусија, Украина, Словенија, Русија, Македонија и Унгарија. Има настапувано во финалето на КПК со Рајн Некар.

Горбох веќе беше дел од Вардар во сезоните 2014/2015 и 2015/2016. Тогаш Вардар стигна двапати до четвртфиналето на лигата на шампионите. Тие две сезони Горбох постигна вкупно 104 гола за нашиот клуб. Сезонава Горбох постигна 25 гола за ПИК Сегед во лигата на шампионите, а претходната година - 69 гола.

Со Вардар освои и две двојни круни во Македонија, во првенството и во Купот.

 

сабота, 14 јули 2018 - 11:47