СЕХА Ф4: Ракометен танц на вардарци за пласман во 6. финале

Вардар ќе се бори по шести пат за титулата во регионалната СЕХА Газпром лигата откако по полуфиналето на Ф4 турнирот го победи Мешков со 33-24 (17-14). „Црвено-црните" се на пат да станат прва екипа со четири титули во СЕХА, и втор тим што успеал да слави две сезони по ред и плус пред домашна публика.

Противник на Вардар ќе биде победникот од дуелот ППД Загреб и Целје. Финалето се игра во недела во 20,15 часот во СЦ „Јане Сандански".

Продолжува доминацијата на Вардар во меѓусебните дуели со Мешков. Ова беше 13. меч и ова е осми триумф во СЕХА лигата. Мешков беше единствен тим што сезонава му зема бод на Вардар во СЕХА лигата, но сега „црвено-црните" вратија со камата.

Дуелот со Мешков беше најавуван како „финале пред финале" на Ф4 турнирот, но почетокот на натпреварот воопшто не го најавуваше тоа.
Вардар тргна фуриозно, мотивирано и изгледаше како да „пука од сила" и едвај чека да игра натпревар. Циндриќ, Борозан, Шишкарев, Дибиров...уште од почеток го торпедираа голот на Мешков чии ракометари немаа време да ги средат редовите. „Црвено-црните" веќе водеа со 7-3 кога тренерот на гостите мораше да бара минута одмор и да се обиде нешто да смени во играта. Предноста од четири голови се зголеми на „плус 6" за највисокото водство дотогаш, 12-6. И Арпад Штербик беше во елемент со шест одбранети топки.

Кога тргнаа замените во тимот и малку „се измеша" поставата, и по неколку технички грешки по ред, му овозможија на Мешков да дојде до 12-10. Раул Гонзалез знаеше дека е време да побара тајм аут. И тоа веднаш донесе ефект, Вардар водеше повторно со „плус 6" за 16-10. Секогаш кога ќе одигравме сериозно и до крај ја држиме топката до „сигурна ситуација" доаѓаа головите. Да не беа неколкуте погодени стативи на Криштопанс, Македа и Дибиров сигурно резултатот на полувреме ќе беше во наша корист со уште некој гол повеќе.

Само што почна второто полувреме Вардар ја покажа моќта и желбата да триумфира, и тоа да биде убедливо и без неизвесност. Нашите момци направија серија од 5-0 и поведоа со 22-14 како најава дека победникот е веќе познат. Немаше никакви дилеми околу нашиот пласман во 6. финале. Требаше само да се одработи она што ни претстои до крај на натпреварот. И не само седум, туку Вардар имаше и „плус 10“, 30-20. Го имавме расположенио Штербик на голот со 16 одбрани и плус 2 пенали како лидер на одбраната која исто така повторно беше бедем што не се пробиваше.

Лука Циндриќ со 6 гола беше најефикасен кај Вардар, а по 4 постигнаа Чупиќ, Карачиќ, Шишкарев и Борозан.

* Фото галерија од натпреварот

петок, 13 април 2018 - 19:17