СЕХА Ф4: Нов рекорд на Вардар

Вардарци се претплатени оваа сезона да поставуваат рекорди во СЕХА лигата. Најновиот го постигнаа на полуфиналниот меч против Мешков. Со триумфот 33-24 (17-14) „црвено-црните" ја остварија највисоката победа воопшто досега на сите Ф4 турнири.

Досегашниот рекорд беше триумф со осум голови, што го имаат Вардар, двапати, и еднаш ППД Загреб. Вардарци пред домашна публика сега им одржаа лекција на Белорусите. Во еден момент имавме и водство од „плус 10" за 30-20.

Ова беше и 18 триумф за Вардар во една сезона на 19 натпревари. Нашиот клуб има уште еден рекорд, единствен тим што има над 100 победи во СЕХА лигата, и во полуфиналето ја оствари 110 победа.

Трикратниот СЕХА победник, Вардар е единствениот тим што има обезбедено настап во 6. финале од седум досегашни турнири. Двапати загуби, еднаш од ППД Загреб на пенали, и еднаш од Веспрем. Единствениот пат кога македонскиот првак не играше за златниот медал беше турнирот во Веспрем. Тогаш во полуфиналето подобри од нас беа ракометарите на Мешков, а потоа во меч за бронзата загубивме и од ППД Загреб.

Вардар е првиот тим во СЕХА Газпром лигата што успеал да го заврши регуларниот дел од сезоната со 17 победи. Истовремено Вардар е нов рекордер по бројот на освоени бодови, 52 во регуларниот дел од СЕХА лигата.

Во финалето противник на Вардар ќе биде екипата на ППД Загреб. Дуелот се игра во недела во 20,15 часот.

петок, 13 април 2018 - 21:54