Рутински и лесно до бодовите на дуелот со Охрид

Продолжува победничката серија на Вардар1961 во домашното првенство со триумф 37-29 (23-12) против Охрид. За "црвено-црните" ова е деветта победа по ред сезонава во првенството со што и натаму остануваат на првото место на табелата со 27 бода, на шест кола до крај на првенството.

Уште од самиот почеток Вардар1961 наметна темпо и игра со која брзо се направи резултатска предност. Гостите од Охрид само успеаја да израмнат на 3-3, а потоа се беше во знакот на „црвено-црните". Гостинскиот тренер Радослав Стојановиќ за 18 минути игра двапати бараше тајм аут, но ниту со тоа не го реметеше ритамот на вардарци кои продолжуваа да ја зголемуваат предност која пред самиот крај на полувремето беше „плус 10" за водство 22-12.

Одлично одигра Вардар, иако во тимот ги немавме Робен Кантегрел, Димитар Димитриоски и Анте Гаџа. Вардар покажа дека формата е во нагорна линија и тоа токму пред најзначајниот период од сезоната кога претстојат дуелите во Купот на Македонија, и реваншот со Еурофарм Пелистер во Битола кој решава за титулата.

Во второто полувреме веќе на самиот почеток Вардар поведе со „плус 12" за водство 28-16 и 29-17 со што беше јасно дека Охрид нема да може да парира, па тренерот Стефче Алушовски можеше и да игра со изменет состав и со комбиниран тим, давајќи им шанса на сите од клупата. Откако веќе беше јасно дека Вардар рутински ќе победи се намали и притисокот и темпото на игра, па Охрид успеа да ја симне негативата на под десет гола.

Иван Чупиќ со 10 гола беше најефикасен на средбата, а половина од тие голови беа од пенал. Ловро Јотиќ постигна 6 гола, а Гоце Георгиевски пет.

* Фото-галерија од натпреварот

* записник од натпреварот -  vardar1961-ohrid.pdf

Во четврток во Автокоманда се игра полуфиналето на Купот на Македонија каде Вардар се среќава со Металург.

Табела во Супер лига - 9 коло

 

сабота, 8 мај 2021 - 23:40

Share on Facebook