Реми на дуелот со Елверум

Во првиот од двата натпревари против Елверум, ракометарите на Вардар пропуштија шанса за триумф и средбата во Скопје заврши со реми, 34-34 (20-21). Следниот меч се игра исто така во Скопје во среда.

 Вардар пропушти убава прилика да освои два бода на домашен терен во првиот од двата натпревари против Елверум. “Црвено-црните“ водеа до последните моменти, но ударот на Холанд Петерсон во последните секунди заврши во мрежата зад Марко Кизиќ и гостите израмнија на 34-34 и се радуваа на освоениот бод. на 15 секунди пред крај на средбата пери резултат 34-34 од чиста зицер ситуација на реализираше Стојанче Стоилов, овозможувајќи му на противникот да има шанса за последен напад.

Претходно во второто полувреме Вардар двапати имаше и водство од „плус 4“ за водство од 29-25 и 30-26, што беше убава најава за втор триумф сезонава. Но, за само пет минути се стопи предноста и во 55 минута Елверум имаше реми, 31-31. До крајот се играше „гол за гол“ а во последната минута гостите не реализираа пенал со што нам ни се отвори шанса да избегаме на два гола предност и да ги решиме сите дилеми.

Голманот Марко Кизиќ имаше одличен натпревар со 11 одбрани, од кои речиси сите беа токму во второто полувреме. Нашиот млад голман им овозможи на своите соиграчи во напад да реализираат и да направат предност. Вардар играше добро и тие одбрани придонесоа резултатски да се одлепиме. Но, колку што брзо постигнувавме голови, така понекогаш и премногу брзо и лесно дозволувавме противникот да врати со гол.

Мечот го почнавме со многу голови, со слаба одбрана на двете страни, што резултираше со вкупно 41 постигнат гол за само едно полувреме. Елверум водеше на полувреме со 21-20, иако Вардар имаше и предност од два гола во 16 минута. Многу трчање, брза игра, слаба одбрана и напаѓачите можеа да се натпреваруваат кој ќе постигне повеќе голови.    

 Следниот меч со Елверум го играме во среда во Скопје од 18,45 часот.

 

* Статистика од натпреварот - vardar1961_vs_elverum.pdf

* Фото-галерија од натпреварот 

 

 

Изјави од прес-конференцијата по натпревар

Борге Лунд - тренер на Елверум
„Благодариме на тренерот и на екипата на Вардар за добрата борба. Мислам дека поради пандемијата ова е тешка ситуација за секој тим, ние последниот натпревар го одигравме пред три дена, но оној пред тоа беше на 29 декември. За нас ова е чекор напред, во двете области на играта - одбрана и напад, особено во нападот дадовме многу голови. Мислам дека играта на обете страни покажа одлични офанзивни вештини, мислам дека и на двете екипи им недостигаа некои одбрани. Имаше многу трчање и голови, а за гледачите што го гледаа веројатно беше многу интересно. На следниот натпревар треба да се фокусираме на тоа како да останеме постабилни во одбраната, но на крајот да направиме бод против Вардар во Скопје, за нас се огромни бодови. Ние веруваме во себе, и се радуваме на следниот натпревар во среда.

Стевче Алушовски, тренер на Вардар 1961:
После секој натпревар некако се враќаме на истиот заклучок - промашивме шутеви во некои клучни моменти. Знаеме дека Елверум е тим кој трча многу и има добра транзиција и се обидовме да ги запреме во првото полувреме, но не го сторивме тоа добро и примивме 21 гол, што не одговара за натпревар од Лигата на шампионите.
Второто полувреме благодарение на голманот Марко Кизиќ поведовме со плус 4 гола, но направивме многу технички грешки и две минути, па нашите глупави грешки беа причина играта да заврши на овој начин. Се надеваме дека во среда ќе ја поправиме нашата игра и ќе играме многу подобро.

Марко Кизиќ, играч на Вардар 1961:

Во првото полувреме лошо го отворивме натпреварот, ни недостасува одбрани на голманите и затоа примивме толку многу голови. Во второто полувреме одбраната се стегна, игравме подобро и поведовме, но некако работите излегоа од контрола и мечот заврши на овој начин. Не успеавме да го одбраниме нашиот гол за време на последниот напад на Елверум, топката мина покрај рацете, тоа е спорт.

Томас Солстад играч на Елверум:
Имавме тежок натпревар, ова е голем поен за нас затоа што Вардар е одличен тим. И тоа е голем чекор напред за нас од последниот натпревар против Киелце и по последниот натпревар на 29 декември. Ние се уште напредуваме и ова ќе му даде голем мотив на целиот тим. Среќни сме со бодовите. Потребна ни е малку посилна одбрана на следниот натпревар, но мислам дека тоа е како што е потребно за двата тима.

 

понеделник, 22 февруари 2021 - 01:21

Share on Facebook