Раул: Бевме одлични и во одбрана и во напад, а Штербик беше брилијантен

Вардар постигна една од најголемите победи во својата клупска историја, совладувајќи го Кјелце со 34-24, по што сосема разбирливо беше разочарувањето кај претставниците на полскиот тим и радоста и доброто расположение кај Вардарци. На прес-конференцијата по мечот, гостите честитаа, а и тие и нашите имаа најмногу пофалби за Арпад Штербик.

Талант Душебаев (тренер на Кјелце):

„Многу сум разочаран со еден вака висок пораз. Во ред е да загубиш, но ова е премногу...Морам да признаам дека одличен натпревар имаше Штербик, а целиот тим на Вардар заврши одлична работа. Јас направив голема грешка во тактичкиот дел, а Вардар токму таму беше одличен. Одиграа подобро од нас и затоа нѐ победија. Честитки на сите во Вардар. Ќе го анализираме овој меч и можеби до утре да ги научаме грешките“.

Марин Шего (играч на Кјелце):

„Имаме проблеми со повреди, вечерва не бевме оние вистинските. Но и Вардар беше одличен. Секако кога го имате Арпад на голот тешко се игра“,

Раул Гонзалес:

„Беше тешко да се игра овој натпревар, секогаш е тешко против Кјелце, кој има многу добар тренер. Знаеме дека имаа проблеми, не играа Зорман, Лијевски, Јуркиевич. Мислам дека кога ќе ги имаат сите играчи ќе биде многу поразлично. Вечерва во прво полувреме ние игравме добро и во одбрана и во напад, сите играчи беа добри, но потоа во второ, според мене Арпад Штербик беше брилијантен. Сега имаме 10 бода, прво место сме во групата и ќе се бориме така да остане“.

Игор Карачиќ:

„Знаевме дека ќе биде тежок меч, особено што во последните 4-5 дена не бевме комплетни на тренинзите. Некои се вратија и денеска одиграа одлични натпревари на чело со Арпад Штербик и Алекс Душебаев. Натпреварот беше навистина фантастичен, одличен за око. Во првиот дел се решија некои работи, а во вториот дел Арпи стапи на сцена и ние победивме. Ќе продолжиме да работиме и да играме во истиот ритам“.

сабота, 24 октомври 2015 - 20:41