Рајн Некар подобар од Вардар на турнирот во Гумерзбах

Вардар ќе игра за третото место на турнирот во Гумерзбах, Германија откако во полуфиналето денеска Рајн Некар беше подобар и триумфираше со 34-25 (14-10). Наш ривал во утрешниот меч за бронзен медал ќе биде домаќинот на турнирот, тимот на Гумерзбах. Тој меч е закажан за 13,30 часот.

Откако вчера директно од авион ракометарите играа против Бергишер, само 18 часа потоа требаше да играме уште еден натпревар, овојпат против Рајн Некар. Тренерот Раул Гонзалез не можеше да смета на Лука Циндриќ, Страхиња Милиќ и Владо Недановски кои се пожалија повреда. Во тимот беа четворица млади ракометари, Марко Кизиќ кој дебитираше со 16 години, заедно со Даниел Ѓорѓески, Тоше Ончев и Мартин Поповски.

Клучниот период во играта беа првите 15 минути во второто полувреме кога Рајн Некар успеа да направи двоцифрена предност и да поведе со 29-17. Вардарци за секое промашување и загубена топка беа казнети од противникот.Раул Гонзалез им даде шанса и на помладите, на голманите Ѓорѓески и Кизиќ кои бранеа во вториот дел, и на Поповски и Ончев кои играа.

Во првото полувреме главен беше Вуко Борозан кој постигна шест гола од вкупно 10 на Вардар. Рајн Некар постојано имаше предност, а Вардар само двапати успеа да израмни, на 8-8 и 9-9. Потоа германската екипа имаше серија и на полувреме замина со предност од 14-10.

Вуко Борозан беше најефикасен во тимот на Вардаер со 8 гола, Македа постигна 6, Карачиќ 5, Ончев 2, а по еден Поповски, Криштопанс, Мораеш, Чупиќ, Дибиров и Шишкарев

сабота, 12 август 2017 - 19:03