Рајн Некар направи „брејк“ во Скопје

По нашиот триумф во Германија во претходното коло од ЛШ, на реваншот, во 8. коло од Б групата Рајн Некар триумфираше во Скопје со 29-26 правејќи ја крајно интересна и неизвесна групната фаза од лигата на шампионите.

Германците си ги вратија загубените бодови на домашен терен, и го заплеткаа врвот на Б групата, каде Вардар останува лидер, но „на врат" го има Рајн Некар, Пик Сегед и Кјелце.
За разлика од тој натпревар во Франкфурт, сега Рајн Некар имаше и расположен голман, тактика што беше успешна, а Вардар „падна" во второто полувреме. Не успеавме да се вратиме откако гостите ја подигнаа разликата на „плус 6'.

Во тактичката игра гостите имаа подобро решение, пред сѐ во нападот каде играа многу често со двајца пивотмени, а без голман. Таа нивна надмоќ од седум играчи наспротив шест во многу случаеви се покажа како пресудна. Рајн Некар прими три гола во таква ситуација, со празен гол, но во првото полувреме. Пресвртот и водството кое го задржаа до крај беше во вториот дел од мечот. Откако во 36. минута Рајн Некар поведе со 19-16 што беше првпат некој тим да има три гола предност беше најава за можно изненадување.
Ние се обидувавме да се вратиме во игра, но правевме доста грешки, имавме загубени топки а, и доста чисти ситуации не се реализираа. На сето тоа Рајн Некар одговори со голови, па во 50 минута гостите првпат го имаа највисокото водство, 25-19. Таа разлика од шест гола беше пресудна, и во 54. минута повторно Рајн Некар водеше со „плус 6", 27-21. Немаше време да смениме нешто, освен на крајот на честитаме за она што го покажа Рајн Некар.

Од самиот почеток Рајн Некар ја покажа амбицијата дека сака да замине од Скопје со бод, или бодови. Двете екипи се менуваа во водство, а Вардар двапати имаше предност од два гола, и шанса да зголеми на „плус три", но не успеа. Тешко се наоѓаше патот до голот на Апелгрен, бидејќи гостинската одбрана не само што го затвораше секој агол, туку и Апелгрен покажа дека има „своја вечер". Имавме два шанси на полувреме да заминеме барем со гол предност, или два. Наместо тоа, во соблекувалните играчите заминаа со реми, 15-15.

Следниот меч Вардар го игра на 4 декември против Кјелце во Полска.

Вардар - Рајн Некар 26-29 (15-15)

ВАРДАР: Штербик (одбрани 3 топки), Стоилов, Милиќ (одбрани 6 топки), Рожерио 2, Македа, Деревен, Карачиќ 1, Душебаев 4, Абутовиќ, Кањељас 6, Циндриќ 2, Чупиќ 1, Дибиров 3, Шишкарев, Борозан 6, Марсениќ 1.

Рајн Некар: Апелгрен (одбрани 15 топки и 1 седмерец), Шмид 4, Сигурдсон 2, Баена 2, Штајнхаузер 4, Ларсен 7, Пекелер 2, Грецки, Абт, Реинкинд 7, Гвардиола 1, Петерсон, Ду Риц, Бауер.

 

сабота, 26 ноември 2016 - 21:05