Првиот дел од ЛШ го завршивме со 9 освоени бода

Настапот меѓу Топ-16 тимови во ЕХФ лигата на шампионите е речиси потврден, иако треба да се одиграат уште четири кола од регуларниот дел на групната фаза. Иако на последниот меч за годинава загубивме со 29-38 од Веспрем, сепак сме во игра з аместо што води во следната фаза. По 10 одиграни натпревари Вардар е на 6 место со девет бода. Во пролетниот дел треба да одиграме уште четири кола, со Кил, Порто, Мотор и Монпелје.

Повредите во екипата последниот период не дозволуваат да играме во комплетен состав. Така беше и овојпат, па против Веспрем ги немавме Криштопанс, Кугис, а недоволно опоравени се Атман, Горпишин, Горбок. И покрај тоа покажавме дека само доколку помалку грешиме и ги намалиме техничките грешки и резултатот ќе биде подобар.

Во првите 2-3 минути во кои и на двете страни имаше по два гола, а Вардар двапати израмнуваше дојде до лош период во кој ракометарите на Веспрем направија 7-0. Токму поради наши технички грешки што противникот ги казнуваше. Во 10. минута беше 2-9 и тука веќе беше загубен ритамот во овој меч во кој гостите прерано имаа високо водство.Тешко беше да се надополни таква негатива против тим како Веспрем. Ја имавме поддршката од трибините, мотивираноста на клупата.

* Фото галерија од натпреварот

Се обидувавме да намалиме, и имавме периоди на добра игра, но за секоја грешка бевме веднаш казнувани. Пред заминување на одмор Вардар го имаше последниот напад, но истиот не беше искористен, па Ненадиќ реализираше во празниот гол за 15-22 на одмор.

Проблемите во одбраната беа константни, па покрај Гедбан шанса да брани доби и Марко Кизиќ. Тренерот Едуард Кокшаров реши да „го фрли во оган" и 19-годишниот Гогов кој токму против Веспрем дебитираше во ЛШ. На крајот заврши со 4 одбрани, но можеше и некоја плус ако не беа досудени фаули врз противничките играчи.

До 40. минута се одржуваше разликата од седум гола и имаше по четири гола на двете страни. Сепак, од тој момент како да се загуби здивот, па веќе почна да станува јасно дека ова ќе биде уште еден тежок пораз бидејќи во 48. минута резулатот беше 23-33.

Сега следува период на пауза поради ЕП во јануари. Продолжуваме во февруари со гостување кај Кил.

Вардар - Веспрем 29-38 (15-22)

ВАРДАР: Гедбан (2 одбрани), Кизиќ (1 одбрана), Гогов (4 одбрани), Стоилов 1, Кукуловски, Димитриоски 1, Кристопанс, Сикошек Пелко 3, Атман 7, Скубе 3, Калараш 4, Чупиќ 4, Дибиров 3, Горбок, Шишкарев 3, Горпишин.

ВЕСПРЕМ: Штербик, Цупара, Манасков 1, Јахија 2, Мораеш 4, Тонесен 2, Гајиќ 4, Нилсон, Маргуч, Лауге Шмит 4, Штрлек 2, Терзиќ, Благотиншек 2, Ненадиќ 11, Мацковшек 5, Борозан 1.

 

недела, 1 декември 2019 - 23:20