Прв домашен меч за Вардар во ЛШ - во недела гостува Порто

По освојувањето на Супер купот на Македонија за ракометарите на Вардар претстои нов предизвик, овојпат во ЕХФ лигата на шампионите. За првпат во ЛШ ќе играме против екипата на Порто кои стартуваа со триумф во првото коло, против Мешков Брест.

Дуелот меѓу Вардар и Порто е закажана за в недела во 17 часот. Во продажба се билетите за натпреварот кои може да се купат онлајн преку продажната мрежа на www.ticketplus.mk и на билетарницата на СЦ „Јане Сандански".

Екипата на Порто по пауза од три сезони повторно се враќа во групната фаза од ЕХФ лигата на шампионите откако ја освои титулата во домашното првенство на Португалија. Тимот е предводен од познатиот Магнус Андерсон, а само еден играч замина и само еден пристигна во тимот во новата сезона.

Во тимот има неколку интернационалци, од Куба, Австрија, Германија. Тимот направи големо изненадување во првото коло победувајќи го Мешков Брест со 27-25 иако Белорусите имаа предност од 15-9 на полувреме.

Вардар во првото коло се врати со бодови од Франција по триумфот против Монпелје 33-31. Сега „црвено-црните" сакаат да го продолжат победничкиот од, со прв триумф сезонава пред домашна публика во ЛШ.

„ После победата над Монпелје, каде освоиме два значајни поени сега мораме одново да да победиме инаку тие бодови нема да значат ништо. Порто е една од најдобрите екипи во светот која игра „7 на 6", па ќе видиме како ќе се адаптираме на таа игра. Ова ни е прва средба на домашен терен и ќе се обидеме да се претставивме во најдобро можно издание. Ние многу често немаме можност да играме против екипа како Порто. За разлика од нив ние сме навикнати на таква играмо повремено", изјави Давид Писонеро, тренерот на Вардар.

Единствено Стојанче Стоилов и Жозе Толедо нема да конкурираат за место во тимот поради повреди.
Во отсуство на Стоилов улогата на капитен ја има Тимур Дибиров.

„ Ова ни е прва средба дома како европски шампиони и тоа е посебно чувство. Очекувам полна сала и како и секогаш мора да одговориме со добра игра. Без разлика кој е противникот секогаш ќе биде тешко, па очекувам многу голема поддршка. Сите добро знаеме како ние играме во Скопје. Очекуваме можеби не лесни, но два бода. Ќе биде комплицирано бидејќи Порто игра 7 на 6, но мораме да се адаптираме на тој стил и не верувам дека некој може да не изненади. Анализираме добро, се концентрираме само на победа и чекор по чекор одиме напред", вели Тимур Дибиров.

 

петок, 20 Септември 2019 - 14:39