Продолжува Лига на шампионите - следуваат два домашни натпревари

По првиот одигран натпревар сезонава во ЕХФ лигата на шампионите за ракометарите на Вардар 1961 следуваше речиси едномесечна принудна пауза поради одложување на две средби. Но, сега следува период на два натпревари на домашен терен, првиот в четврток (15 октомври 2020) против Флензбург, а потоа и против Порто.

Средбата против Флензбург повторно ќе се игра пред празни трибини во СЦ „Јане Сандански" во 20,45 часот. Тоа ќе биде прв официјален натпревар на Вардар 1961 во Скопје сезонава.
Подготвувајќи се за овој дуел против германскиот тим, „црвено-црните" единствено одиграа две контролни средби, против градските ривали, Бутел и Металург. Но, сега претстои вистинскиот предизвик

Против Флензбург досега сме одиграле четири натпревари во ЕХФ лигата на шампионите, и сите биле од четврт-финале на ЛШ. Само еднаш сме биле поразни, на гостувањето во 2014 година (22-24), а потоа трипати победивме. Последен пат со германскиот тим игравме во април 2017 година. Тогаш двапати победивме и се пласиравме на Ф4 турнирот во Келн и потоа станавме европски прваци.

„За нас ова е прв натревар на домашен терен. Еден месец немаме одиграно натпревар. Флензбург е во предност ако може да кажеме така бидејќи е во натпреварувачка форма. Ние еден месец само тренираме. Одигравме два пријателски натпревари, но не е исто. Она што го очекувам е без разлика на сè машка и борбена игра од наша страна. Го анализиравме противникот. Не сме без шанси иако го победија ПСЖ на гости и не знаат за пораз досега", вели Стевче Алушовски, тренерот на Вардар 1961.

Домашниот тим единствено нема да може да смета на Томислав Јагуриновски кој имаше позитивен тест на Ковид-19. Сите други се во тренажен процес и тренираат за првиот домашен натпревар сезонава на Вардар 1961.

„Ќе се обидеме да излеземе како победници на овој дуел. За мене е важно мојата екипа да биде подобра од она последно издание во Мешков и мислам дека на крај можеме да се радуваме. И Флензбург има проблеми со повредени играчи и нема многу голема ротација, но во моментов се во мала предност поради подобрата натпреварувачка форма што не значи дека ние нема да направиме сè за да излеземе како победници, вели Алушовски.

Најголемиот проблем за вардарци е немањето на силни натпревари во претходниот период за да може да се темпира формата, да се подобри играта, да се исправат грешките.

„После подолго време ни доаѓа натпревар. Флензбург е добро познат ривал кој е во добра форма. Има многу натпревари и веќе е во добра серија и ритам. Кај нас потешко е тоа што еден месец немавме официјална средба. Ќе мораме она што го подготвуваме да го пренесеме на терен и она што сме го работеле на тренинзите и сме го договориле да го одиграме. Мислам дека Флензбург е незгодна екипа која има добра транзиција. Нападот им е премногу брз со премногу добри и брзи ракометари. После еден месец е тешко да се игра бидејќи не знаеме до каде точно ни е формата. Овој натпревар ќе го покаже тоа. Очекуваме поволен резултат. Првпат играме на домашен терен сезонава. Ни останува да се бориме максимално, дисциплинирано и ангажирано за да извлечеме поволен резултат, смета Гоце Георгиевски, десното крило.

среда, 14 октомври 2020 - 23:38