Подготовките за новата сезона почнуваат на 24 јули

Првиот собир пред почетокот на новата сезона ракометарите на Вардар ќе го имаат на 24 јули во Скопје. Планирано е до почетокот на сезоната да се настапи на два меѓународни турнири, во Германија и во Франција. Исто така ќе го одиграме и натпреварот од Супер купот на Македонија, на 18 август во Струга против тимот на Металург.

Според програмата, од 24 јули до 31 јули ќе се работи во Скопје каде ќе се извршат сите потребни лекарски прегледи. Потоа се заминува на подготовки на Крањска Гора во Словенија од каде директно екипата ќе отпатува за Германија на турнир.

Турнирот во Германија е планиран во перидот од 10 до 13 август. Според програмата на првиот ден (10 август) во 20,15 часот ќе играме со Хамбург.
Следниот ден (11 август) во зависност од исходот од првиот натпревар ќе одиграме уште две средби со ривали од другите натпревари. На овој турнир ќе играат и екипите на: Лајпциг, Монпелје, Фуксе Берлин и Кристијанштад.
Мечевите за пласман се планирани за недела, 12 август.

По враќањето од Германија ќе тренираме во Скопје, и на 18 август во Струга го играме натпреварот од Супер Купот на Македонија против Металург. Дополнително ќе се утврди саатницата на одигрување на тој меч.

На крајот од август ќе учествуваме и на сителн меѓународен турнир во Стразбург, Франција. Вардар ќе биде во Група 1 заедно со ПСЖ и Мешков Брест. Во Група 2 ќе бидат: Нант, Монпелје и Веспрем.
Според програмата на турнирот на 23 август сме слободни, а на 24 играме против ПСЖ. Во сабота на 25 август се среќаваме со Мешков.
Натпреварите за пласман се предвидени за недела, 26 август.

вторник, 3 јули 2018 - 10:03