Почнува новата сезона во СЕХА лигата - Вардар е домаќин на Пекинг СУ

Петкратниот првак од СЕХА Газпром лигата, Вардар утре (вторник, 20,45 ч. СЦ „Јане Сандански") влегува во новата, 9-та сезона во регионалното ракометно натпреварување. Ќе играме против дебитантот Пекинг Спортски Универзитет, во сезона во која ќе има вкупно 12 екипи поделени во две групи. Покрај Вардар и Пекинг СУ, во нашата група се уште и Мотор, Нексе, Татран и Војводина.

Вардар се врати од Супер Глоуб каде го освои третото место и сега се подготвува за почеток на новата сезона во СЕХА Газпром лигата и ЕХФ лигата на шампионите. „Црвено-црните" го бранат трофејот во СЕХА каде се тим со најмногу трофеи.

„Среќен сум што почнува официјалниот дел од сезоната и што ќе биде во Скопје. Пекинг Универзитет е непознат тим. Сепак, после Супер Глоуб за нас е важно да го кренеме нивото и да почнеме да играме сè подобро. За играчите е добро да почнат во добар ритам и без разлика што ова е непознат ривал наше е да одиграме најдобро што можеме и се надевам дека како ќе одминува времето ќе бидеме сè подобри", изјави тренерот на вардарци, Давид Писонеро.

Пред поечетокот на новата сезона вардарци играа на турнир во Требиње каде го освоија првото место, победија на две контролни средби со АЕК и Еурофарм работник и гоосвоија третото место во Дамам, Саудиска Арабија.

„Не сум задоволен од сите резултатите досега. Мојата цел е секогаш кога ќе излеземе на терен да победуваме. Иако победата е најважна ова досега беа подготвки. Супер Глоуб е повеќе од обични подготовки, а можам да бидам задоволен од првото полувреме против Кил. За мене е многу важно да играме добро и како влегуваме во натпреварите. Од тоа можеме да сме задоволни", рече Писонеро.

За почетокот на сезоната Вардар нема да може да смета на Стојанче Стоилов и Жозе Толедо, кои се повредени. Во екипата се врати и Глеб Калараш кој ќе ја засили одбраната.

„Подготвени сме за новата сезона и со нетрпение го очекуваме стартот во СЕХА. Доста беше тренинзи и патувања на Супер Глоуб и на турнири. Овој противник го немаме гледано и многу анализирано, но за ракометот и за СЕХА е добро што натпреварувањето се шири и што ќе се игра и надвор од Европа. За секоја лига е добро да се шири вака и секако за нас е максимално важно. Сигурно ќе растеме како одминува времето. Во одбрана сме иста постава како и лани. Ни недостигаат некои детали, но со тек на времето ќе биде подобро. Имаме многу работи на кои треба да работиме во следниот дел од сезоната, а ние знаеме што и како треба да направиме", вели Шишкарев.

Во продажба се билетите за мечот Вардар - Пекинг СУ по цена од 50 денари на касата на билетарницата на СЦ „Јане Сандански".

понеделник, 2 Септември 2019 - 13:59