Победа во јубилејниот 100. меч во ЛШ

Со триумф од 32-29 над Кристијанштад, екипата на Вардар го заврши натпреварувањето од групната фаза на лигата на шампионите, освојувајќи го првото место и потврдувајќи го директниот пласман во четврт-финалето. Ова беше и јубилејниот 100. натпревар од групната фаза, и 41 триумф на „црвено-црните", успех што е најголем за македонскиот машки клупски ракомет.

По четврти пат по ред ќе играме во Топ-8 фазата. Натпреварите меѓу Вардар и Кристијанштад секогаш изобилувале со голови. Растоварени од притисокот на важноста бидејќи беше однапред осигурано првото место во групата, освен играњето за сопствениот имиџ и за публиката, вардарци од сам почеток најавија дека се расположени за надигрување.

По седум минути играње гостинскиот тренер Ола Линдгрен беше приморан да побара тајм аут во моменти кога Шишкарев од контра му донесе водство на Вардар од 6-2. Одбраната на вардарци делуваше подобро подготвена за брзите Швеѓани, и освен почетните 1-1 потоа ние ја превзедовме иницијативата. Арпад Штербик беше во елемент, и одбрани четири топки за девет минути.
Откако беше исклучен Стојанче Стоилов, Кристијанштад постигна два гола и намали на „минус 2", 7-5, а по една одиграна четвртина од натпреварот резултатот беше 9-7 за Вардар. Тренерот на „црвено-црните", Раул Гонзалез сакаше да им даде шанса на повеќемина во игра, и брзо дојдоа замените на Кањељас, Карачиќ, Чупиќ и Душебаев. Во игра влегоа брзо и Борозан, Македа, Циндриќ и Шишкарев. Прв избор на линијата од шест метри беше Стоилов.

Шведскиот првак за сите фаворити се покажа како незгоден ривал сезонава, а Вардар знаеше дека гостите нема да се откажат без оглед на резултатот. Тоа го покажа и Кристијанштад, чии ракометари намалија на 10-9 во 18 минута. Но, брзо ги вративме трите гола предност, за неполни 90 секунди и повторно водевме, сега со 12-9, а потоа и со „плус 4" за 13-9. Налетот на Вардар продолжи до водство од 16-11 во 28 минута. Игравме со доста комбинирање, лесно и со удари што најчесто завршуваа во мрежата на голманот Симиќ. На полувреме заминавме со четири голови предност, за водство од 17-13.

На самиот почеток на второто полувреме Вардар ја оствари највисоката предност дотогаш на натпреварот, 19-13 и се чинеше дека е најден лекот против шведскиот првак. Но, тие одново покажаа дека упорноста се исплати.
Откако гостите намалија на 20-18 во 37 минута Раул Гонзалез мораше да ја прекине серија од 5-1 на Кристијнштад со која Швеѓаните намалија на 18-20. Но, Кристијанштад не застана, и на секоја наша грешка возвраќаше, а во 42 минута дојдоа до „минус 1" на 22-21. Брзо се соземавме, во следниот напад погодуваме за наше водство од 23-21 и во следниот напад Страхиња Милиќ брани пенал, но Владо Недановски од крило ја погоди стативата на Кристијанштад.
А кога не се користат шансите секогаш стигнува казната. Така и Кристијанштад првпат имаше можност да израмни, и тоа со играч помалку, но ударот завршува во рацете на Штербик и неговата 13-та одбрана на мечот. Неизвеснота остана и по нереализираниот пенал на Чупиќ што го одбрани Симиќ, со што Кристијанштад повторно доби шанса за израмнување, но на вистинското место се најде Штербик. Она што го промаши Чупиќ не му се случи на Карачиќ кој од пенал зголеми на 24-22 во 48 минута.

Почна да паѓа концентрацијата, па Ола Линдгрен побара тај аут за да подели некој совет, а таа минута одмор секако беше добредојдена и за Вардар. Лука Циндриќ промаши контра на 25-23, а потоа Гудмундсон пак намали на „минус 1". На 26-24 Карачиќ не реализира пенал (брани Симиќ), а потоа на друга страна Штербик исто така брани една топка. По 14 минути, Вардар повторно имаше предност од три гола, 27-24, и не реализиравме напад за „плус 4". Но, она што нападот не го реализураше го исправаше Штербик, кој со 17. одбрана беше најдобриот поединец на мечот.

Секое мало невнимание и техничка грешка, гостите знаеја да ја искористат. И наместо да го одржуваме водството од три гола, пак дозволивме да се најдеме во лоша ситуација, и Кристијанштад од контра намали на 26-27 во 55 минута. Тоа беше момент за последниот тајм аут и советите што требаше да бидат поделени како да се заврши средбата.

Голманите на двата тима, Арпад Штербк и Небојша Симиќ беа главните на теренот. Симиќ одбрани удар на Чупиќ, а потоа Штербик на Хенингсон. Во последните четири минути повторно се влезе со предност од еден гол за Вардар. Прво Дибиров, а потоа и Македа погодија за нови три гола предност на Вардар, 30-27 во 58 минута, по што следуваше тајм аут за Кристијанштад. По еден гол на двете страни, и уште погодок за Вардар во последната минута ги реши сите дилеми.
По четврти пак Вардар го победи Кристијанштад, овојпат со 32-29.

Во екипата на Вардар со 6 гола најпрецизен беше Вуко Борозан, а по четири постигнаа Македа и Чупиќ. Арпад Штербик имаше 19 одбранети топки на мечот.

 

недела, 12 март 2017 - 19:08