Победа си е победа, иако малку моравме да запнеме

Нашите ракометари ја остварија седмата победа во групната фаза од лигата на шампионите сезонава, откако во 12 коло во СЦ „Јане Сандански" го победивме Кристијанштад со 38-36 (21-19). Наместо лесен триумф, дозволивме да влеземе во неизвесна завршница, која сепак ја решивме во наша корист.

Бодовите од натпреварот против Кристијанштад ни беа вкалкулирани однапред, со оглед на разликата на табелата, и фаворитската улога што ја имавме, но нашите ракометари дозволија во самата завршница противникот да израмни, и да донесе незивесност. За среќа таа неизвеснот на крајот заврши со наш триумф.

Во последните четири минути од натпреваротр влеговме со предност од 36-33, а Иранецот Џамали во редовите на Кристијанштад, со два гола му донесе надеж на својот тим. Лука Циндриќ погоди за ново водство, 37-35 на почетокот на последната минута, а на гостите им требаа само 14 секунди за нов погодок. Се беше во нашите раце, последниот напад го имавме. Тренерот Раул Гонзалез побар и тајм аут да ги подели последните совети, а на 13 секунди до крај Даниил Шишкарев ги реши дилемите со погодок за победа, 38-36.

Викендов се играат натпреварите од Б групата на лигата на шампионите, а во нашата група завршен е натпреварот меѓу Кјелце и Рајн Некар на кој славеа Полјаците со 28-27.
На табелата сега во група Б, водата Барселона (-1 меч) и Кјелце со по 17 бода, ПИК Сегед (-1 меч) и Рајан Некар имаат по 15 бода, Вардар 14, Монпелје 7 (-1 меч), Кристијанштад 5, Колдинг 2 (-1 меч). Ние остануваме во игра за висок пласман, па во игра останува дури и третото место. Пласманот во осминафиналето нашата позиција во групата ќе зависи и ривалот во следната елиминациска фаза.

Покрај неизвесноста во второто полувреме, овој натпревар ќе остане запаметен и по бројот на постигнати голови во едно полувреме. Го урнавме рекордот за најмногу голови во едно полувреме, сметајќи ги и двата тима, бидејќи резултатот на полувреме беше 21-19.
Досега се случило еден тим да постигне 21 гол или повеќе, всушност вардарци го држат и овој рекорд, со 24 гола. Со 24-12 во првиот полчас од мечот со Чеховски Медведи минатата сезона „црвено-црните" го урнаа рекордот на Металург, кој датираше од 2008 година, со 21 постигнат гол. На мечот против Драмен тогаш на паузата беше 21-14, а Металург победи со 37-30.

Во првото полувреме одигравме добро во првите 20 минути, каде доминиравме на теренот, а ривалот имаше негатива. Се играше брзо, атрактивно со лесни голови, и со помалку напор во одбраната. Во 18 минута веќе имавме предност од 13-7. Но, гостите не се предадоа, па полека со серија голови намалија на 21-19 на полувреме навестувајќи дека и вторите 30 минути ќе бидат интересни. И таму ние имавме иницијатива, а Кристијанштад ни дишеше во врат, и во 40 минута намалија на 27-26. Не ни дозволија да се одлепиме, но и нашите ракометари беа присебни во решавачките моменти.
Во следното коло на 28 февруари, Вардар му гостува на ПИК Сегед.

Вардар - Кристијанштад 38-36 (21-19)

Вардар:
Штербик, Стоилов 2, Брумен, Тоскиќ 2, Манасков 3, Милиќ, Македа 4, Душебаев 4, Абутовиќ, Лазаров 1, Циндриќ 8, Ангелов, Дибиров 3, Горбок 7, Шишкарев 2, Марсениќ 2.

Кристијанштад:
Ларсон, Бјорнсен 7, Лагергер 4, Ларсон, Гудмундсон 6, Дахлин 2, Јепсон, Симиќ, Толбринг 4, Петерсон 1, Џамали 7, О'Саливен 3, Космо, Ханиш, Ериксон, Линдског 2.

 

сабота, 20 февруари 2016 - 19:55