Победа и пораз во двата тренинг меча за Вардар 1961

За разлика од првиот меч со Еурофарм Пелистер што заврши со триумф на гостите од Битола со 26-21 (10-9) на вториот меч против Металург триумфираше Вардар 1961 со резултат 25-20.

По враќањето од турнирот во Струга каде Вардар го освои второто место, тимот одигра и две контролни средби. Прво игравме со Еурофарм Пелистер, а потоа исто така во нашата сала во СЦ „Јане Сандански" го пречекавме тимот на Металург. На двете средби одигравме некомплетни и без Ловро Јотиќ и Кристијан Дисингер, а на вториот дуел со Металур го немавме во составот ниту Гоце Георгиевски.

За разлика од првиот меч со Еурофарм Пелистер што заврши со триумф на гостите од Битола со 26-21 (10-9) на вториот меч против Металург триумфираше Вардар 1961 со резултат 25-20. Сега останува да се „дотераат деталите" во играта, да се отстранат недостатоците пред средбата со Нексе од четврт-финалето на СЕХА лигата што е закажан за 29 август во Скопје.

На средбата со Металург почнавме во грч со три загубени топки во првите три напади по што тимот од Автокоманда веднаш казни и поведе со 3-0. Првиот гол го постигнавме со 5 минута преку Филип Талески. Тренерот Стевче Алушовски во овој период им дава шанса на сите да играат и се прават доста ротации во играта и на местата.

Но периодот на послаба игра продолжи, па Тимур Дибиров не реализираше пенал, а потоа Тарабокија двапати погоди за Металург што беше причина Алушовски да побара тајм аут во 15 минута. Тој „црн период" од десет минути без постигнат гол го прекина Анте Гаџа кој намали на 2-5, а потоа и Векиќ и Карапалевски постигнаа голови за 4-5. Вардар 1961 веќе се врати во игра, и без разлика што потоа Поповиќ зголеми на 6-4 за Металург, „црвено-црните" веќе „уфрлија во повисок степен" па Карапалевски во 22 минута намали на 6-6. До крајот на полувремето Вардар 1961 поведе со 8-6, иако потоа поради нашите грешки ривалот намали 8-8 и со тој резултат се замина на одмор.

Робен Катагрел имаше 5 успешни одбрани во овој период, а потоа во второто полувреме меѓу стативите застана Марко Кизиќ. Тој на крајот од мечот имаше 6 успешни одбрани.

Вториот дел беше во знакот на Вардар 1961. Од 33 минута кога Иван Чупиќ од одбиената топка од пенал зголеми на 10-9, па до самиот крај Вардар 1961 имаше предност. Пред самиот крај зголемивме на „плус 5" за 22-17.
Шанса добија повеќето играчи, а Анте Гаџа со пет гола беше најефикасен на средната. Иван Чупиќ постигна 4 гола, додека Стоилов, Дибиров и Вујин имаа по 3 гола.

 

петок, 21 август 2020 - 20:15