Пионерите на Вардар го освоија турнирот Делчево Куп 2019

Со освојувањето на турнирот Делчево Куп 2019, најмладите вардарови ракометари го поминаа финалниот тест пред почетокот на националното првенство во пионерска конкуренција, закажан за 15 септември годинава.

Во полуфиналето на турнирот вардарци беа подобри од екипата на Радовиш со 20 : 17, додека во финалето триумфираа против екипата на Астарион од Струмица со 28 : 16. Младиот вардаровец Ѓорѓи Спасовски е прогласен за најдобар играч на турнирот. Третото место го освои екипата на организаторот на Купот, Делчево Вардар.

Нашите пионери, предводени од тренерот Зоран Петковски се натпреваруваа со екипи составени главно од постари момчиња, односно родени 2002/03 година.

„Настапувавме со 23 играчи и сите добија можност да играат и на двата натпревара. Ова ни беше последна проверка пред почетокот на пионерското првенство и задоволен сум од досега одиграните натпревари. Нашата екипа е составена од играчи родени 2004/05 година и во новата сезона освежување во тимот е Алесандро Писонеро и Илија Велковски и Стефан Гугуталиев од Велес, од школата на Бисинов Вардар кои се натпреваруваа и во Вардар Јуниор лигата. Сезонава се подготвуваме за натпревари во две категории во државното првенство, односно во пионерска и во младинска конкуренција, каде нѐ очекуваат ракометари родени 2000 година. Мислам дека и во постарата категорија ќе пружиме отпор и ќе презентираме силни и квалитетни натпревари. За тоа како напредува екипата најдобра проверка се меѓународните турнири, и ако се укаже можност сезонава ќе ја искористиме", вели Петковски.

Ова беше втор тест пред сезоната, откако повеќето од нашите пионери, како дел од екипата на Спортската академија на неодамна одржаниот турнир во Србија, Лавови Хандбол Чаленџ 2019, го освоија второто место во конкуренција од 10 екипи од регионот, а вардарецот Никола Спасовски го доби признанието за најдобар голман.

Во првото коло од пионерската лига, следниот викенд Вардар ќе игра против екипата на Алушовски.

 

недела, 8 Септември 2019 - 19:26